Очајното лице на комунаризмот

by fokus

Пишува: Петар Богојески

Не скокајте веднаш како петлиња. Кога зборувам за комунаризам, не мислам на вас завалијата сиромашен народ од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ или која било партија. Мислам на грст фамилии кои се газди на тие партии и кои се перјаници на тој комунаризам. Откако Бугарија си го зеде паметот низ нозе и се избудали со епохалната глупост, наречена вето на процесот на проширување на Европската Унија на Балкнаскиот Полуостров, во Македонија се појавија т.н. експерти со тезата, цитирам „ЕУ е најдобрата алтернатива за нас, но ако не нè сакаат, ќе преживееме и без нив!“. Аха… голема мудрост на експертиве. Друже, свака ти част!

Се сеќавате на оние момците што нè убедуваа дека без ЕУ нема да има живот на планетата Земја, а најмалку во Македонија? Се сеќавате кога нè убедуваа дека тие само што ќе дојдат на власт, ЕУ ќе ги отвори портите? Се сеќавате кога кажуваа дека ЕУ нема алтернатива и нема да праваат компромис за евроинтеграцијата? А кога потпишуваа бугарски и грчки договори, со единствено алиби ЕУ? Па, правеа референдуми со прашање, дали сте за влез во ЕУ со ново име Северна… па како треба сите да гласате ЗА на тој референдум, ако сакате бесплатно здравство и образование насекаде низ Европа? Се сеќавате на типовите што се колнеа за Европа и се трескаа од земја дека ќе умрат за ЕУ? Е истите тие типови, сега голтнаа друга лента, сменија мелодија и почнаа да ви го кажуваат горенаведениот цитат. А зошто го прават тоа? Зошто од големи миротворци и консензуални типчиња, постанаа хард партиотишта, дури Грујо Први Величествени да им позавиди? Како тој што го бранеше името, а овие сега го бранат идентитетот? Тоа е така зашто имаат ист газда, а тоа се фамилиите, кои веќе 80 години ја управуваат Македонија!

Имено, сè е прифатливо за тие фамилии, само и само тие да останат да ја експлоатираат Македонија. Не северна, не јужна… може и гериз Македонија да биде, само тие да останат експлоататорите на оваа нива, оваа бавча, наречена Македонија и робовите што живеат во неа, наречени македонЧиња. Тие фамилии одлучуваат кој ќе победи на избори, кој ќе биде власт, а кој опозиција, но најмногу се исплашени да не случајно македонЧето стане Македонец! Од тоа имаат уплав.

Изборот е едноставен. Или ЕУ и слободни Македонци, граѓани на вистинска Република или југоМакедонија со македонЧиња, под контрола на истите југоексплоататорски фамилии. Таа екипа прави сè во овој момент да спречи ветинг од НАТО на нивните пипала во Македонија, зашто така ќе ја изгубат контролата врз државата, а народот ќе се ослободи. Истите фамилии му дадоа надеж на Груевски да се повлече и да дојде Заев. Истите му дадоа задача да го промовира Мицкоски, дете од една таква измеќарска фамилија на овие експлоататорските. Истите тие го осмислија клисарот од Левица со цел да го канализираат народното незадоволство, а ропството да си продолжи. Дали станува збор за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и сл. Тоа се измеќари на југофамилиите.

Тие фамилии се колнеа во ЕУ. Демек големи Европејци се. Но, тие се Европејци сè додека ЕУ не побара од нив ревизија на злосторствата што ги правеле и ги прават во Македонија и барање да се ослободи земјата од колонијалното југоропство. Тука веќе ЕУ не е приоритет. Сега веднаш сме можеле без ЕУ, а до некни самите тие се колнеа дека без ЕУ не можеме. Кои очајници. Сега ЕУ не е добра за Македонија, зашто ако влеземе во ЕУ, тие фамилии ќе ја изгубат контролата врз земјава. И замислете тука имале консензус сите тие измеќарски партии. За ова биле консолидирани. Очајници едни, така ви е кажано од газдите. Да имате консензус ако им се загрози позицијата на газдите да ја колонизираат земјава. Не ми продавајте издишан патриотизам на јаки заштитници на идентитетот македонски. Токму од вас очајници, идентитетот е загрозен, а не од ЕУ! Тоа е тоа очајно лице на комунаризмот. Тоа е тој очај што им извира од очите.

СДСМ европјаните наеднаш го изгубија патот кон ЕУ и станаа очајни патриоти, слични на оние очајните домаќинки од една американска серија. ВМРО-ДПМНЕ времиња артикулира европесимизам со цел да биде контролен механизам на фамилиите, ако дојде нож до коска. Кога излегоа некои работи од контрола, веднаш се „откри“ феноменот Левица, да глуми антиЕУ опција, за да остане контролата во рацете на фамилиите, а со тие будалетинки да ја заплашуваат токму ЕУ. А што така наеднаш на фамилиите им посмета ЕУ? Па, тоа што побара демократизација и декомунизација на Македонија. Побара фамилиите да ја изгубат власта, а таа да премине во рацете на граѓаните. ЕУ побара Македонија да стане вистинска Република, а не олигократија – држава на неколку фамилии.

Почитувани граѓани, овие фамилии се решени да ја уништат државата, само да ја зачуваат контролата до последен момент. За нив е подобро да нема држава, за да нема одговорност за злосторствата што со децении ги прават врз овој народ. Тие осмислено одбиваат компромис со Бугарија, со цел да им послужи за алиби да ја одложат интеграцијата во ЕУ. Тие фамилии не сакаат во ЕУ, нив вака им е најдобро. Си имаат свој пашалак и свои слуги. Глупавата Бугарија само им даде алиби за тоа. Секако по нарачка „од повисоко“. Тие фамилии знаат дека, ако не влеземе во ЕУ за најдоцна 5 години, тоа значи дека Македонија ќе стане „жртва“ на косовското прашање. Ние ќе си ја изгубиме Македонија, а тие фамилии ќе останат со азното под заштита на нивната патрон татковина. Освестете се Македонци додека имаме време. Македонија ќе биде трампана за слободата на тие злосторнички фамилии. Ако сакате да успее Македонија, застанете на страна на брзата европска интеграција на Македонија во ЕУ! Во спротивно, само им служите на овие банди, на овие фамилии, кои ве тераат да мислите дека сте патриоти ако сте против ЕУ и против решение со глупавата Бугарија. Така прават за да останете робови на тие фамилии во оваа робовска антиЕУ Македонија. Кренете глава, кренете глас, покажете дека постоиме и дека Македонија е најважна за сите нас.

Поврзани новости