ВМРО-ДПМНЕ во соопштение испратено до медиумите се закани дека ќе имаат “проблеми” сите оние кои без нив ќе се нафатат да учествуваат во новата влада.
-Секоја партија која носи одлука за формирање коалиција без партијата која добила најмногу гласови и најголема поддршка од народот на изборите, треба да знае дека во исто време носи одлука да се соочува со проблеми во иднина својствени на ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани– стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Овој став денеска го пренесол лидерот Никола Груевски на средбата со амбасадорката на ОБСЕ, на која предупредил дека СДСМ ќе има проблеми доколку формира влада.
ВМРО-ДПМНЕ упати директна порака и до довчерашниот коалиционен партнер, ДУИ, порачувајќи дека принципот за коалицирање победник со победник не смее да биде прекршен.
-Доколку сега се отстапи од тој принцип, и свесно се прекрши, секој еден кој во иднина кога ќе се сменат околностите, ќе помисли да дојде и повторно да се обиде да не убедува да го воспоставуваме тој принцип, треба да знае дека без дискусија ќе биде избркан од штабот на партијата, а партијата ќе коалицира со кого ќе отцени дека е најдобро за самата партија и земјата, како што е и во другите држави- велат од ВМРО- ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека и натаму ќе инсистираат да има нови избори.