Очајна состојба на Онкологија, немало пари за лекови па се набавувале на реверс

by Fokus

Биолошката терапија, која е нов пристап во лекувањето на пациентите со канцер, на Клиниката за онкологија се набавувала на реверс, открива ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. Ова значи дека Клиниката прво ја набавувала терапијата за да ги задоволи потребите на пациентите, па дури потоа плаќала за неа. Ревизорот открива милионски долгови на сметката на Клиниката, за лекови и медицински материјали.

Ревизорот алармира дека Клиниката се соочува со повеќе пациенти и постојан недостаток на лекови особено за биолошка терапија.

Клучни забелешки има за начинот на набавка на биолошката терапија. Клиниката купувала биолошка терапија од само еден доставувач и тоа на реверс без одобрени средства од Фондот за здравство. Освен тоа немало формирана цена при набавка на биолошката терапија, а се делела само со одлука на докторите без медицински протокли и без стручен колегиум. Поради ова пациентите биле во опасност да останат без терапијата со која се лекувале.

„Во Клиниката не се донесени медицински протоколи со кои ќе се постават критериуми за тоа кој пациент треба да прима биолошка терапија, ниту пак се носеле одлуки за тоа на научен колегиум. Во 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примат биолошка терапија, а одобрение давал медицинскиот директор без да земе предвид дали Клиниката има доволна количина лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата. Ревизорот смета дека на ваков начин се препишувале лекови во количини што на Клиниката ги немало и не биле обезбедени пари од буџетот. Тоа прави ризик биолошката терапија да не е достапна за секој пациент на кого му е препишана“, констатира Државниот завод за ревизија.

Вториот скандалозен момент е што во 2016 година бил набавен линеарен акцелератор, кој не бил користен туку бил ставен во складиште каде собирал прашина. За овој акцелератор Министерство за здравство платило 16.000 евра и воопшто не бил ставен во употреба. Наместо тоа за скадиштето каде бил чуван била плаќана кирија од 3.000 евра и ова траело со години. Во меѓувреме истекла гаранцијата на апаратот кој требало да се користи за лекување на болните од канцер.

Во моментот на ревизијата Клиника е тужена од повеќе оператори за долг во висина од 885 милиони денари или 14 милиони евра од кои 94 отсто се фактури за набавка на лекови и медицински материјали.

Во 2020 и 2021 година Клиниката за сервис на апарати потрошила околу 600.000 евра. Ревизорот вели дека сервисот на апарати го вршат фирми кои имаат ексклузивно право на тоа и дека им се наплаќа за целосен сервис без оглед на обемот на извршена работа.

„ДЗР известува дека во постапките за сервисирање на опрема за која економските оператори имаа монополска позиција или ексклузивно право, се склучуваат договори за целосен сервис при што не постои можност да се спореди, утврди реалноста на исплатените средства во однос на обемот на извршените услуги“, додава ревизорот.

Одговорност за наодите во овој ревизорски извештај има поранешниот директор Нино Васев и организацискиот директор Нехар Нухи. Но од нив денеска немаше никаков коментар.

Поврзани новости