По запирањето на истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција појаснија дека еколошкиот дел од предметот е издвоен во предистрага и се уште се истражува дали составот на мазутот кој се горел во ТЕЦ Неготино негативно влијаел врз животната средина. Но, како што веќе објави „Фокус“, со месеци од Обвинителството бараат експерт кој ќе ги прочита (протолкува) анализите на мазутот кои беа направени во Србија.
-По добиеното вештачење од Р.Србија, обвинителството побара номинација на експерти од областа на заштита на животната средина од повеќе високообразовни институции со цел да го протолкуваат вештачењето во насока дали составот на мазутот за кој се добиени вештачења има влијание врз животната средина. Дел од институциите веќе известија дека не располагаат со стручен кадар кој може да даде толкување на наодите од вештачењето, а постапката за обезбедување соодветна експертиза и натаму продолжува. Доколку не се најде експерт во државава ќе биде побаран од странство, појаснија од Обвинителството.
Претходно од Обвинителството за „Фокус“ одговорија на прашањето од кои институции точно побарале експерти.
-Вештачењето од Р.Србија е добиено на 25.9.2025 година. На 25.11.2025 година ОЈО ГОКК поднесе Барање за номинација на стручно лице експерт од областа на заштита на животната средина за испитување на влијание на течно гориво мазут врз животната средина. Барањето беше доставено до Институтот за хемија при Природно -математичкиот факултет и Технолошко -металуршкиот факултет при Универзитет „Св,Кирил и Методиј“. На 27.11. 2025 година од Технолошко -металуршкиот факултет беше добиен одговор дека немаат лице што би можело да одговори на барањата на обвинителството, додека од Институтот за хемија до денес не е одговорено. Дополнително на 5.1.2026 година е доставено истото барање и до ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството.
,,Фокус” доби одговор и од Универзитетот ,,Гоце Делчев”, дека немаат стручно лице за толкување на вештачењето од Србија.
Сепак, според поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина, Ана Петровска, обвинителството на погрешно место ги бара стручните лица. Како што појаснува, во случајот обвинителството треба да бара стручно лице за квалитет на горива, а не стручно лице за животна средина. Поточно, како што појаснува, треба да бара акредитирана лабораторија што од српските наоди ќе даде вешто мислење за тоа кои параметри отстапуваат и какви штетни емисии може да се јават од согорувањето.
-Проблемот мислам е врзан со поделените надлежности за квалитет на течни горива (министерство за енергетика) и емисии од согорување на течни горива (министерство за животна средина). Вештакот што се бара не е стручно лице за квалитет на горива (а такви има во акредитираните лаборатории на ОКТА, Макпетрол и Еуромакконтрол, туку се бара стручно лице за животна средина, што е погрешна формулација: експерт за квалитет на гориво може од други параметри – надмината концентрација на пепел, кокс и вода, да утврди дали мазутот е штетен, појаснува Патровска за „Фокус“.
Иако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја затвори истрагата за случајот „Мазут во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, сепак и понатаму останува енигма здравствениот аспект од овој потенцијален криминал, односно дали мазут кој се горел бил канцероген? Ова е значајно прашање, бидејќи еден од правците на истрагата беше да се утврди со каков квалитет се увезувал и дали ги задоволувал еколошките критериуми.
На почетокот на истрагата постоеја сомнежи за големо влијание врз животната средина и здравјето на луѓето, бидејќи на почетокот на рестартирањето на ТЕЦ Неготино за да произведува струја од мазут, имаше случаи кога филтрите на погонот се заглавувале од валкан мазут. Шпекулациите одеа дотаму дека нивото на сулфур бил над 1% колку што е дозволено. Токму поради тоа беа земени и мостри од мазутот, кои беа пратени на испитување во Србија.
В.В.