Демократската унија за интеграција (ДУИ) бара одговорност од заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, обвинувајќи го за директен притисок и малтретирање студенти од Република Албанија.
Според партиското соопштение, студентите биле малтретирани со полициска придружба и изолирани, со единствена цел да им се оневозможи учество на студентскиот протест во Скопје.
Од ДУИ сметаат дека ваквите постапки се резултат на недостатокот на етнички легитимитет кај актуелните функционери од коалицијата Влен.
„Недостатокот на национален легитимитет те прави слуга, а Астрит Исени блеска во таа улога. Браќа од Албанија, драги студенти, ви се извинуваме за овој срам од вазали како Астрит Исени и Влен“, се вели во реакцијата на партијата.
Од партијата велат дека ги поздравуваат студентските протести, оценувајќи ги како демократски чин и изразувајќи целосна солидарност со барањата на младите.
„Решението е само едно – запрете ја дискриминацијата, почитувајте го и спроведувајте го Законот за употреба на албанскиот јазик. Ништо друго“, додаваат од ДУИ.