Обвинителството ќе ги проверува распоредувањата и постапките на кадри во МВР

by Фокус

Обвинителството ќе ја испитува одлуката на владата да ги поништи решенијата за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи на техничкиот министер Наќе Чулев, но истовремено ќе постапи и во однос на кривичната пријава на заменичката Славјанка Петровска до Чулев, со цел да се провери дали постои кривично дело што се гони по службена должност.

„Со таа цел, надлежниот јавен обвинител поднесе барање до Владата на РСМ за обезбедување на потребните податоци и писмени докази кои се однесуваат на наводите. Претходно, до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на дополнителниот заменик на Министерот за внатрешни работи беше поднесена кривична пријава против техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 и Несовесно работење во службата од член 353-в од Кривичниот законик. Пријавата се однесува на донесената телеграма од 08.01.2020 година од страна на техничкиот министер со која се известуваат раководителите на организациони единици во МВР дека решенијата за распоредување потпишани од поранешниот министер за внатрешни работи кои не се врачени не треба да им се врачуваат на вработените на кои се однесуваат. Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик на министерот од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази“, стои во соопштението.

Во него се наведува дека обвинителството и во двата предмета, во зависност од доставените податоци и докази, ќе одлучи согласно Законот за кривична постапка.

Поврзани новости