Адвокатот Александар Тортевски во интервју за неделникот „Фокус“ откри дека му бил понуден поткуп од 50.000 евра, додека бил ангажиран како советник во СЈО. За случајот тој го информирал целиот колегиум во СЈО, а била изготвена и службена белешка.
Токму затоа побаравме одговор од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, дали ќе ја побараат службената белешка, а во контекст на истрагата за случајот „Рекет“.
Како што веќе објавивме, на прашањето на Фокус, дали поткупот му бил понуден за некој предмет во СЈО, Тортевски вели:
-Да, и го пријавив тоа во СЈО. Сега ми е жал што ја немам потврдата, се трудам да ја добијам, но има проблем бидејќи сега нема кој да го одобри тоа, затоа што Катица е во притвор. Инаку, ми беа понудени огромни пари – педесет илјади евра, вели Тортевски.
Тој појаснува дека пријавил кај специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, но и целиот колегиум бил запознаен.
-Новосел, бивш хрватски обвинител на испомош, негова идеја беше да се направи службена белешка за тоа, човекот ми честиташе, рече дека не сретнал адвокат што така се однесува, вели Тортевски.
Тој појаснува дека оној кој му го нудел поткупот барал да лобира да се забошоти одреден предмет, но и открива дека предметот го снемало никаде.
Повеќе детали прочитајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.