Таткотo на Марко Пејчиновски за обвинувањата: Зарем на децата треба да им ги поткастриме крилјата?

by Fokus

Бевме подготвени за напади и обвинувања за кои тврдиме дека се без основа – вели Тони, таткото на тринаесет годишниот Марко Пејчиновски, кој се обиде да преплива 64 километри на рутата Охрид-Св.Наум-Струга-Охрид за време на верскиот празник Богородица во Охрид.

Поради болки во ногата тој го прекина пливачкиот ултрамаратон по испливани 11 километри и 840 метри. Деновиве, по подвигот на Пејчиновски во повеќе медиуми и на социјалните мрежи се објавуваат тврдења дека на дете не смеело да му се дозволи да се впушти во таков исцрпувачки подвиг, кој можел да влијае лошо врз неговото здравје.

Во врска со обвинувањата, неговиот татко Тони за ,,Фокус” тврди дека доаѓаат од страна на неупатени лица, бидејќи на целиот настан му претходеле низа на подготовки, прегледи и консултации со стручни медицински лица. -Марко помина добро на сите медицински тестови. Срцето во ред, крвта во ред, физичката кондиција во ред. Тој постојано беше под лекарски надзор.

За време на подвигот, со него имаше четири екипи на стручни лица, имаше двајца лекари, а неговата мајка, односно мојата сопруга Виолета исто така е здравствен работник, таа е искусна медицинска сестра. Смешно и жално е да се тврди дека ние како родители не сме мислеле на неговото здравје. Во ниту еден момент тоа не беше загрозено, бидејќи доколку имаше и најмал проблем, Марко ќе се откажеше, што и на крај се случи. Тој не беше под никаков притисок, ова беше негова голема желба – раскажува таткото. Додава дека границите во спортот треба да се поместуваат и како Марко не е првото дете кое што се обидело да направи сличен подвиг.

-Зарем на децата треба да им ги поткастриме крилјата? Да не им дозволиме да си го остварат сонот? Секако дека целиот настан беше под голема контрола од возрасни и стручни лица. Да ги прашам тие кои што обвинуваат, а што ако тој успееше и го завршеше маратонот, и тогаш ли ќе негодуваа? Ако ние како родители имавме и најмал сомнеж дека ова може лошо да влијае, секако дека не би дозволиле да се случи. Но, кај нас ете секогаш некој за нешто мудрува, во секоја позитивна работа мора да се бара нешто лошо и да се критикува и напаѓа – вели Пејчиновски.

Околу тоа како се чувствува Марко, тој појаснува дека се работи за момче кое доста зрело размислува. Физички бил во одлична форма, а и денес заминал со другарчињата да плива во езерото.

-Можам да кажам дека Марко не си го оствари сонот да го заврши ултрамаратонот, но има време пред него. Најважно е тоа што тој ја пренесе пораката за лицата со ретки болести, како никогаш порано се слушна нивниот глас и апел, тој е нивниот амбасадор. Нема место за разочарување, продолжуваме напред – ни изјави Тони.

Марко минатата година на 28-ми август ја преплива патеката од Свети Наум до Охрид долга 30 километри, и покрај тоа што има некроза на еден дел на коската на ногата, како резултат на пореметување на крвотокот во тој дел од ногата. Поради проблемите со моториката во пливањето повеќе ги користел рацете отколку нозете, а неговите родители се задоволни што се пронашол во пливањето.

Вики Клинчарова

Поврзани новости