По трагедијата што вчера се случи во Богданци, кога при експлозија во фабрика за полнење на плински боци починаа тројца вработени, а двајца беа повредени, со соопштение се огласија од обвинителството од каде што истакнуваат дека допрва ќе се утврдува причината за несреќата. Од обвинителството појаснуваат дека телата на починатите се уште не се предадени на семејствата, бидејќи ќе се врши ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет.
„Обдукцијата на починатите е извршена уште вчера попладне во ЈЗУ Општа болница Гевгелија, но телата не се предадени на семејствата, бидејќи се чека исходот од ДНК анализата која треба да заврши за 3 до 7 дена“, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека истрагата треба да ја покаже причината за експлозијата.
„Увидот на надлежниот обвинител вчера во фабриката за плински боци траеше цели 12 часа. По негово барање, на лице место беше повикана и увидна екипа од МВР Скопје, составена од вешти лица од областа на хемијата и физиката, заради прибирање докази од местото со цел утврдување на причините за настанување на пожарот во оваа фабрика. Покрај тоа, кон увидот се приклучија и екипи од СВР Струмица и ПС Гевгелија. Извршен е разговор и со единствениот очевидец на настанот, кој единствено можел да потврди дека пожарот започнал од просторијата за полнење на плинските боци“, појаснуваат од обвинителството од каде што додаваат дека надлежниот јавен обвинител издал наредби за правење скица од местото на настанот, фотографирање, видео снимка, како и за подигање на остатоците од куќиштето од компјутерската опрема која била поврзана со видео надзорот од целата фабрика.
„Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика на МВР ќе треба да изврши вештачење на податоците од хард дискот за да се утврдат причините за настанување на пожарот од видео снимките. Ќе се проверува и целокупната документација за заштита и безбедност при работа, исправноста на функционирањето на машините, како и почитувањето на сите прописи за работа на овој вид дејност. По добивање на сите потребни анализи, вештачења, записници од надлежните органи, надлежното обвинителство ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката“, се вели во соопштението.
Од обвинителството информираат дела фабриката каде што избувнал пожарот се состоела од повеќе простории. Во просторијата каде што се пронајдени починатите лица се вршело полнење на мали плински боци, а во друга просторија се вршела изработка на плинските боци пред полнење.