Обвинителство го гони Чавков за полициската интервенција на ЕБР за време на студенските избори

by fokus

Обвинителство ја утврдува одговорноста на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, за полициската интервенција на ЕБР за време на студенските избори.

-ОЈО конечно ја отпочна постапката по кривичната пријава на Хелсиншкиот комитет против Митко Чавков, како тогашен министер за внатрешни работи, и ЕБР за полициската интервенција на ЕБР за студентските избори пред СПУКМ. Повикана сум како сведок во Обвинителството за овој настан. Како што пред многу време рековме правда и одговорност за тепање студенти мора да има и ќе има.
Се надевам дека ОЈО ќе ја води постапката стручно и професионално во интерес на правдата!, напиша пратеничката Ивана Туфегџиќ на фејсбук. 

Од Хелсиншкиот комитет кривичната пријава против Чавков но и уште неколку раководни лица во МВР ја поднесоа пред точно една година, со објаснување дека припадници на Единицата за брзо распоредување ги тепаше и ги спречуваше  студентите да протестираат при изборот на претседателот на студентскиот парламент на 30 јуни минатата година.

На самиот ден на изборите за студентски лидер гласањето започнало без исполнување на потребните услови на што било укажано од студентите, а потоа и гласачката кутија била насилно грабната од член на изборната комисија кој бил придружуван од непознати лица кои не биле студенти за потоа да се упатат кон седиштето на СПУКМ кое се наоѓа во зградата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“.

Во пријавата се наведува дека Кулминацијата се случила околу 22 часот кога пристигнале специјалните единици со оклопни возила, кои тргнале кон студентите што протестираа пред влезот на студентскиот дом. Полициските специјалци насилно влегле во просториите на студентскиот парламент и почнале да ги удираат со нога студентите, за да го расчистат патот за лицата кои ги носеле гласачките кутии.

-Со своето постапување при извршувањето на наредбата, припадниците на ЕБР сториле две кривични дела, и тоа: „Спречување на јавен собир“ предвидено во член 155, став  2 од Кривичниот Законик и „Малтретирање во вршењето на службата“ предвидено во член 143 од Кривичниот Законик, појаснуваат од Хелсиншкиот комитет.

Поврзани новости