Обвинителствaта во Македонија се скроени според критериумот „наше дете“

by Фокус

архиваТекстот е објавен на трети јули 2009-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 731

Пишувал
Саше ДИМОВСКИ

Во понеделникот се заколнаа триесет и еден обвинител, дека „ќе ги почитуваат уставот и законите и ќе бидат непристрасни и објективни во постапувањето, ќе ги почитуваат правата и слободите на граѓаните“. Изборот на оваа поприлична група обвинители беше оценет како сериозен придонес во „зајакнувањето“ на капацитетите на обвинителството пред актуелниот предизвик што го очекува со примената на новиот Закон за кривична постапка, со кој од корен се менува кривично-правниот систем во Македонија.

Со него се укинува истражниот судија, па сега целата истрага ќе ја води обвинителот. Тој ќе може да ги договара и казните, ќе дава налози за примена на посебните истражни мерки, ќе раководи со новата правосудна полиција… Но, и овој пат е интересно тоа што на списокот на тазе избрани или унапредени обвинители, повторно се најдоа деца на судии, обвинители и адвокати, или, пак, роднини на сегашни функционери. Тоа е уште еден доказ дека системот на НАШЕ ДЕТЕ и натаму одлично функционира!

Советот на обвинители го почна изборот на обвинители, кои, како што велат, треба сериозно да ги засили капацитетите на обвинителствата кои од 2011 година ќе мора да спроведуваат нов концепт на гонење во Република Македонија. Во првата група се избрани 31 обвинители, распишани се огласи за уште 10 обвинители, а на 6 јули ќе се распишат огласи и ќе се избираат првите обвинители во неколку основни обвинителства.

Иако навидум сите беа задоволни од изборот на обвинителите, не се малубројни и оние што потсетуваат дека и во ова група поминаа „татини и мамини синчиња“. Девет од избраните излегоа од Академијата за обука на судии и обвинители, а другите се од редот на стручните соработници по обвинителството и судовите. За заменици на јавниот обвинител се избрани Јован Илиевски, сегашен обвинител на обвинителството за борба против организираниот криминал, и Лилјана Спасовска, досегашен заменик виш обвинител во скопското обвинителство.

Пред речиси два месеци, Фокус веќе напиша дека Илиевски ќе биде избран за заменик на Шврговски, а од таа позиција и натаму ќе го води обвинителството за организиран криминал. Според договорот, Советот на Јавни обвинители сега ќе распише оглас за избор на шеф на организиран, на тој оглас ќе се јави Јован Илиевски (повисок обвинител може да конкурира за шеф во пониските структури, а позицијата од која конкурира да му мирува) и ќе биде избран повторно за обвинител. До завршување на формалностите, обвинителството за организиран криминал ќе го води сегашниот прв заменик Марко Зврлевски. Во шемата на роднинско-пријателски врски веќе пишувавме дека Илиевски и директорот на УБК, Сашо Мијалков, се баџанаци (сопругите им се сестри).

Не треба, белки, да се потсетува дека Мијалков е прв братучед на премиерот Никола Груевски!

СЕ НАПРАВИ МЕСТО ЗА ЌЕРКАТА НА ИСТАКНАТ ВМРОВЕЦ?

Во јавното обвинителство има уште едно празно место кое треба да се пополни по „Бадентер“, но, при овој избор, Советот не успеал да се договори кој кандидат треба да помине. Интересно е што меѓу кандидатите за местото заменик републички обвинител беше и Марина Грчева Абрашева, судијка од Основниот суд во Струмица. Имено, таа е сестра на Васил Грчев, актуелен претседател на Судскиот совет на Република Македонија. За неа се типуваше дека сигурно ќе биде избрана, а, со тоа, членовите на Советот на јавни обвинители би си обезбедиле сигурен влез за нивните деца кои имаат амбиции да станат судии.

Прилично интересен е и изборот за вишото обвинителство во Скопје. Таму беа избрани тројца обвинители, а слободни беа четири места. Нови виши обвинители станаа: Коле Штерјов, Елизабета Ристеска и Азис Шаќири. Штерјов и Ристеска доаѓаат од скопското обвинителство. До пред неколку месеци Коле Штерјов беше обвинител во обвинителството за борба против организираниот криминал, но, при реизборот на обвинителите, истиот Совет на јавни обвинители не му даде поддршка и го врати во скопското обвинителство.

Јавна тајна беше дека Штерјов и обвинителката од Велес Славица Темелковски не беа реизбрани во организиран, како противтежа на противењето на Шврговски во тоа обвинителство да се вратат обвинителките Вилма Рускоска и Гордана Гешковска, што тој ги разреши пред формирањето на Советот на обвинители. На Штерјов му беше префрлано дека ја затвори истрагата за падот на „кингерот“ во кој загина претседателот Борис Трајковски и за отфрлените пријави за „Фершпед“. Меѓу актуелните антикорупциски предмети, негов беше и оној за екс-гувернерот Љубе Трпевски и Методија Смиленски. Овој пат, за неговиот избор, лично се заложил јавниот обвинител Љупчо Шврговски!

Со изборот на Спасовска за републички обвинител, во вишото скопско остануваат две празни места. За нив се типува дека ќе се пополнат со адвокатка, ќерка на поранешен јавен обвинител, и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ, и обвинителка од скопското обвинителство која има поддршка од бизнис лобито. Советот на јавни обвинители, на седница на 6-ти јули треба да распише оглас за избор на прв човек на скопското обвинителство и да избере обвинители во повеќе обвинителства во Републикава. За Скопје, веќе пишувавме, сериозен кандидат е Марко Зврлевски, кој треба да дојде на местото на Стерјо Зиков.

СЕМЕЈНИ ВРСКИ

Интересна е структурата на младите обвинители кои за прв се избрани на функциите. Девет места се пополнети од кандидатите што ја завршија обуката во академијата за судии и јавни обвинители, а останатите се од редот на стручните соработници во обвинителствата, во судовите, и луѓе „од надвор“. Најмногу новоизбрани има во скопското обвинителство, дури 14. Од редот на академијата, обвинители станаа: Гаврил Бубевски, Катерина Коларевска, Ненад Савевски и Ерман Незири. На овој список се додадени: Ванчо Музелов, Анита Тополовска Исајлова, Јован Цветановски, Мишо Илиевски, Мартин Митревски, Дреца Расим, Александар Марковски, Наташа Крстевска Цалева, Валентина Бислимовска и Хањи Абдула.

Еве како изгледа семејното стебло на повеќето избрани кандидати:

Младиот обвинител Гаврил Бубевски е син на Данка Бубевска, која е судија-претседател на судот во Берово.

Валентина Бислимовска, која работела како стручен соработник во скопскиот граѓански суд, е ќерка на Шуретуш Бислимовски, судија кривичар во Апелациониот суд во Скопје. Инаку, тој е претседател на Советот што одлучуваше за случајот „Армиско оружје“, за кој веќе пишувавме во претходните броеви.

Мартин Митревски, досегашен стручен соработник во обвинителството, е син на професорката од Правниот факултет во Скопје, Данче Манолева Митревска.

Наташа Крстевска Цалева, досегашен стручен соработник во обвинителството за борба против организираниот криминал, е ќерка на заменик јавната обвинителка Роксанда О. Крстевска. Рака на срце, за неа во обвинителството тврдат дека станува збор за исклучително стручен кадар, чиј избор воопшто не зависел од позицијата на мајката обвинител.

Јован Цветановски е син на адвокатот Петре Цветановски.

Анита Тополовска Исајловска е сопруга на македонскиот амбасадор во Киев Илија Исајловски.

Списокот на деца на познати родители од судството продолжува со изборот на Бурим Рустеми за обвинител во Куманово, кој е син на судија од апелациониот суд во Скопје. Инаку, таму се избрани и Кристина Радеска и Исад Сулејмани.

Во Гостивар, покрај Џелал Хусмани од Кичево и Ахмет Ахмети од гостиварско, избрана е и Елизабета Јосифовска, внука од сестра на екс-претседателот на кичевскиот суд Кирил Миладиноски.

Патем, во Кочани се избрани Стевчо Донев, кадар од академијата и Игорчо Крстев, кој бил вработен во 2002  година во судот, по што заминал да работи во Централниот регистер. Во Прилеп е избрана Ирина Трајковска Стрезовска, во Радовиш Јелена Колевска, а во Велес Силвија Ивановска.

Со овој избор се потврди максимата дека во судско-обвинителскиот систем најдобро функционираат семејните врски. Па, оттука, и обвинителството со право го заслужи епитетот „ОБВИНИТЕЛСТВО – НАШЕ ДЕТЕ“. На истата седница советот на јавни обвинители му го продолжи мандатот на вишиот обвинител во Скопје, Касам Хасами кој има нешто повеќе од една година до пензионирање, а за виш обвинител во Битола го избра прилепскиот обвинител Димче Бажевски.

ТЕШКО НА ОНОЈ ШТО НЕМА ПАРИ

Како што веќе реков, новоизбраните обвинители ќе треба да го применуваат новиот концепт на кривичната постапка каде што доминантен во постапката ќе биде обвинителот, а истражниот судија, кој сега ќе се вика судија на претходна постапка ќе се грижи само за почитување на правата на осомничениот во постапката и ќе одлучува за определување на притворот.

Според концептот на Законот за кривична постапка кој веќе е стокмен и се наоѓа во владина процедура, од 2011 година, јавниот обвинител ќе ја води истрагата, ќе раководи со новоформираната правосудна полиција која треба да ги спои истрагите што сега ги водат Царината и Финансиската полиција.

Концептот на Законот предвидува обвинителот да ја спроведува истрагата, да прибира докази, да сослушува сведоци, да им дава налози за прибирање докази на правосудните полицајци, а, доколку предложи притвор, само тогаш предметот ќе му го отстапи на судијата на претходна постапка кој треба да донесе одлука (сегашниот истражен судија, но со многу намалени ингеренции).

Според новиот предлог на ЗКП, обвинителот воопшто не мора да извести било кое лице дека против него води истрага, доколку не треба да му биде одземена патната исправа или да му се конфискува имот или пари. Постапките кои се почнати по стариот закон ќе продолжат да се водат како до сега и по 2011 година, но, ќе можат да се применуваат и новите одредби на постапката доколку тие не се на штета на обвинетиот.

Меѓу новините во новиот ЗКП е спогодбата или договорот што ќе може да го прави обвинителот со обвинетиот. Типично за американскиот модел, кој не се применува во Европа, обвинителот ќе може да се договара за висината на казната, затворска или парична, со обвинетиот, и, доколку судијата ја прифати таквата спогодба, таа ќе стане правосилна и се ќе може да заврши без судење. Судијата во таа постапка ќе биде еден вид претпретресен судија, кој, доколку оцени дека спогодбата не е соодветна, ќе ги испрати странките на судење.

Во новиот концепт ќе постои и судија кој треба да биде контролор на доказите што ги собрал обвинителот. Тој судија или совет од тројца судии ќе оценуваат дали има дело, според доказите што ги собрал обвинителот во истрагата. Доколку оценат дека има, тогаш се оди на судење. Во таа постапка докажуваат обвинителот и обвинетиот, а судијата има задача само да донесе одлука. Значи, за разлика од досегашната обврска, судот сега нема да мора да изведува и да прибавува докази по службена должност. Народски речено, само правно писмени странки ќе видат ќар од оваа постапка, оти странката сега нема да може да се жали на било какви повреди, доколку самата не предложи докази кои одат во негова корист.

Исто ќе биде и со вештачењата. Ќе ги плаќа секој, па, така, квалитетни вештаци ќе може да најми оној што има пари, а оној што нема, ќе си остане покус за стручни мислења во постапката. Со новиот концепт на Правда, согласни се сите учесници, оти со него постапката станува поскапа, но, истовремено, и многу побрза. Веруваат дека од судот ќе исчезнат сите оние безбројни предмети во кои комшиите се судеа за се и сешто, меѓутоа, постои и ризикот да бидете осудени ако немате пари да си ги обезбедите доказите, И, со тоа, да докажете дека не сте виновен.

Обвинителот ќе биде надлежен и за правосудната полиција која ќе ја составува од постојните полицајци на МВР, од организиран криминал, стопански, крим-техника, и тие ќе одговараат исклучиво пред него. Така, обвинителот нема да испраќа писма и да чека одговор од полицијата, кој може и да не го добие, туку налогот ќе им го дава директно на полицајците што ќе му бидат потчинети нему.

Затоа, народе – внимавајте. Седете мадро и не правете белји, оти веќе нема играчки со државата. Обвинителите се избрани, концептот на Законот е стокмен, ќе ја чекаме уште примената за конечно да видиме како ќе функционира новиот концепт во нашите докажано „автентични“ македонски услови!

Поврзани новости