Обвинителката за замрзнувањето на сметките: Жан Митрев може да понуди и друга гаранција, мора да ги заштитам и оштетените

by fokus

Нашата претензија не е да се блокира работата на болницата „Жан Митрев“, но јас чувствувам обврска да ги заштитам и оштетените и нивното право на побарување кое е пријавено, изјави обвинителката што го води предметот против докторот Жан Митрев и неговата клиника, Искра Хаџи Василева по реакцијата од Клиниката дека Кривичниот суд донел решение за определување предлог мерки за целосно блокирање на сметките на болницата.

-Обвинителството повторува дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното правото на побарување кое е пријавено. Јас чувствувам обврска да го заштитам истото, но повторено е многупати како и денес, дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што обвинителството и тоа како ќе го цени дури и го охрабрува, изјави Обвинителката.

Таа објасни дека замрзнувањето на сметките е нова одлука, тоа е предлог кој Обвинителството го има поднесено пред три месеци.

Замрзнувањето на сметките е нова одлука. Тоа е предлог кој обвинителството го има поднесено пред три месеци по кој се одлучуваше соодветно, сега Судот донел одлука.

-Реакции има, од она што го следевме во изминатиот период некакви небулози, па и некакви изјави за хајки. Обвинителството работи врз основа на факти и прибира доказен материјал. Овој предмет е почнат по допрен глас врз основа на новинарско истражување. Но не и само тоа, однапред беше јасно дека и претходно постоеле и многу пријави од лица кои биле доставувани до Лекарска комора, Невладини, здруженија… така што обвинителството собираше докази, утврди фактичка состојба и поднесе обвинение бидејќи сметаше дека основното сомневање е потврдено од доказите. Тоа се објективните нешта, а какво е субјективното чувство на обвинетиот не знам, додаде обвинителката.

Од Кривичниот суд велат дека се работи за неправосилно решение за кое жалбата не го одлага извршувањето, а со кое решение се определени привремени мерки за обезбедување на имотно правно барање и тоа забрана за отуѓување на недвижен имот и воедно наложено е на носителите на платниот промет – Банките да не дозволат исплата на определени парични износи.

-Мерките се донесени по предлог на надлежниот Јавен обвинител, а решението е донесено согласно Законот за обезбедување на побарувањето како и член 118 од ЗКП, Против ова решение странките имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје како второстепен суд кој одлучува, а кое нешто беше кажано од страна на надлежниот судија на денешната главна расправа, велат од Судот.

Клиниката „Жан Митрев“ утрово испрати соопштение во кое тврди дека информира Кривичниот суд донесе решение за определување предлог мерки за целосно блокирање на сметките на болницата.

-Со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата, која е здравствена организација од јавен интерес, се вели во денешното известување на клиниката „Жан Митрев“. Клиниката од денеска не е во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Ќе направиме сѐ што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на обвинителството одат во поинаква насока, односно бараат затворање, велат од Клиниката.

Денеска требаше да почне судењето против Митрев и неговата Клиника, но се одложи бидејќи Митрев му го одземал полномошното на претходниот адвокат и назначил нови, кои побараа да се одложи судењето за да се запознаат со предметот.

Митрев ги избегна новинарите и не даде изјава за медиумите, излезе од Судот додека обвинителката даваше изјава.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости