Обвинителката Лиле Стефановска ја обвини одбраната во „Траекторија“ дека го одложува судењето

by fokus

Сите предлози и забелешки се даваат со цел одлагање, а не подготовка на одбраната, рече специјалната јавна обвинителка, Лиле Стефановска, на денешното судење во случајот „Траекторија“, како одговор на барањата и забелешките на одбраната.

Адвокатите на обвинетите побараа одложување на рочиштето, но судијата не го прифати тоа. Побараа аудио снимките да не се користат како материјални докази и повторно беа одбиени. Одбраната потоа побара да и биде даден записникот од рочиштето од 31 јануари, за соодветно да се подготват.

– Ако главната расправа започнува со давање воведни говори не гледам зошто да не почнеме со главна расправа. Сите предлози и забелешки се даваат со цел одлагање, а не за подготовка. Сметам дека ваквиот начин на поднесување предлози и забелешки само го отежнува работењето – реагираше Стефановска.

Судијата Горан Бошевски рече дека записниците од претходните рочишта можат да се подигнат од шалтерот во судот и даде пауза од еден час.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски.

 

Поврзани новости