Текстот е објавен на 7-ти ноември 2014-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 996 и е трет дел од истражувачката сторија чиј втор дел можете да го прочитате на овој линк.
Јавното обвинителство против организиран криминал се формираше пред седум години. За тоа време не се памети голем корупциски скандал или криминал откриен од некој обвинител. Криминалот во Македонија по правило го неутрализира полицијата. Секогаш помпезно, сликовито и триумфално. Практично, МВР ја крои целата приказна пред да му ја раскаже на обвинителот, а тој без исклучок пишува обвинителен акт многу сличен на полициската пријава.
Од пред една година, пак, обвинителите станаа главни во кривичните истраги. Барем така пишува во законот. Но, тоа не промени многу во практиката оти полицијата не се повлекува лесно од моќната позиција што ја има во истрагите. Обвинителите на хартија имаат право да наредат, да истражат и на крајот да одлучат. Сите други во системот им се подредени.
Тоа важи дури и за полицијата. Но, во практика е малку поинаку. Особено кога обвинителска истрага сака да ја провери улогата на полициски работници во некакви незаконити дејствија. Уште пострашно е ако се претпостави дека тие работници одговорноста за своите погрешни постапки ќе ја пренасочат кон претпоставените. А во претпоставените се кријат „недопирливите“.
Такво е и досието АФИС, за кое пишува „Фокус“ во последните изданија. Обвинителката задолжена за истрагата со месеци нема одговори од МВР – како полициските работници учествувале во опремување образовни лаборатории. Таа самата не знае како да ѝ се спротивстави на полицијата и да ја натера на соработка.
На пример, за почеток може да го искористи влијанието на државниот обвинител Марко Зврлевски или на главниот во обвинителството против организиран криминал Јован Илиевски. Двајцата имаат пријателски релации со многумина од полицискиот врв. Но, колку тие навистина сакаат да откријат каква е одговорноста на вработените во одделот за крим-техника околу испораката на опремата? Дали така нема да стигнат до некого до кого не смеат?
Ако се следи минатото, кое на Зврлевски и на Илиевски им гарантира сигурна иднина, тогаш однапред прогнозираме дека тие ќе ја пропуштат и третата шанса да постигнат гол од центар. Првата шанса главните обвинители ја имаа кога лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го пријави премиерот Никола Груевски за корупција во случајот „Македонска банка“. К
онечната одлука, дека аудиоснимката со гласот на премиерот не е валидна и дека нема потреба да се испрашаат сведоци, особено човекот со кого Груевски зборува, беше донесена без да се остави впечаток во јавноста дека се преземени сите неопходни мерки за да се утврди вистината. Понатаму, иста судбина имаше и пријавата против министерката Гордана Јанкулоска, за која се отвори сомнеж дека примала непријавени парични донации за партијата ВМРО-ДПМНЕ.
И тогаш на обвинителите им беше полесно да го затворат случајот (кој сега ќе гони министер?) отколку навистина да ги истражат сите околности, во најмала рака да испрашаат сведоци кои со име и презиме застанаа зад случајот, како на пример Загорац Тумбовски.
Сега предизвикот со „трета среќа“ е поголем. Во еден пакет се и Груевски и Јанкулоска и уште половина влада. Потоа вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), вработени во Министерството за образование и наука (МОН), професори од Факултетот за безбедност. За почеток, има барем индиции дека незаконски постапиле во случаите со набавка на опрема за лаборатории низ факултетите.
„Фокус“ во претходните изданија ексклузивно ја објави целосната документација со која се потврдува дека набавената опрема за три лаборатории на Факултетот за безбедност завршила во МВР. На документите се појавуваат и имињата на Зоран Ставрески, Владимир Пешевски, Спиро Ристовски, Никола Тодоров, Панче Кралев…Без да прејудицираме каква е нивната одговорност, само ќе нотираме дека за обвинителите е исклучително важно да направат професионална, објективна и ефикасна истрага, ако тоа им го дозволи полицијата. Но, поважно е колку тие самите ќе настојуваат да му се спротивстават на полицискиот отпор.
ЗА КОИ ДЕЛА ЌЕ ОДГОВАРААТ ПРОФЕСОРИТЕ ОД ФАКУЛТЕТОТ?
Да потсетиме во неколку реченици каква незаконита постапка е направена со купувањето на опремата за трите факултетски лаборатории, кои преку игра со документи и однапред подготвен план завршиле во МВР.
МОН преку оглас ги повикал државните универзитети да се пријават за опрема за лаборатории кои ќе ги користат во образовни и научни цели. Факултетот за безбедност се пријавил за три лаборатории, едната е за АФИС- систем за отпечатоци, другата за микротраги и третата, форензичка лабораторија (хардвер и софтвер).
Но, целата постапка била фиктивна. Опремата никогаш не завршила на факултетот, туку од фирмите набавувачи директно се пренесувала во МВР. Дури отпосле надлежните се покривале со документација, но наместо да ги сокријат неправилностите, предизвикале дополнителни. Дури цела влада носела одлуки за кои постои сомнеж дека не смеела да ги носи.
Прво, одлуката со која опремата му се одзема на факултетот, а потоа одлуката со која опремата му се предава на МВР. Но, одлуките задоцниле – донесени се дури откако опремата веќе била пренесена во МВР, со што се потврдува впечатокот дека однапред било испланирано таа да заврши на друго место.
Факултетот никогаш не примил никаква опрема, иако ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Златко Жоглев и деканот на факултетот, Јанко Јакимов, знаеле и молчеле за планираната операција. Истрагата во Јавното обвинителство трае година и пол. Соочена со значењето на имињата низ документите, но и со игнорантскиот однос на МВР кон нејзината истрага, не е исклучено дека обвинителката Гордана Смаќовска ќе го стави досието на дневен ред пред Колегиумот на јавни обвинители. Така практично би се донела колективна одлука, со што би се дисперзирала одговорноста. Сепак, да не заборавиме дека главен збор ќе имаат Зврлевски и Илиевски.
Да одиме по ред. Кривичната пријава поднесена од професорката на факултетот Фросина Ременски, која прва ги открила сомнителните документи, се однесува на четворица идентификувани, но и десетина други лица, без да се посочат со име и презиме. Со пријавата се опфатени ректорот Жоглев, деканот Јакимов, продеканот за финансии Марина Малиш Саздовска, секретарот Јован Андоновски. Тие, како претставници на факултетот знаеле за целата акција. Имале неколку можности да пријават, но молчеле.
Обвинителството истражува дали тоа го правеле под закани и во страв од посилни функционери, дали за одредена материјална корист или едноставно, од стравопочит кон партијата на власт? Каква им е одговорноста? Првично, сите ја злоупотребиле службената должност. Учествувале во проект за кој наставно-научниот совет и деканската управа немале поим дека е во тек. Никогаш не примиле опрема на факултетот, нивните апликации биле фиктивни, а потпишани од вработени во одделот за крим-техника на МВР, наместо од професори.
Друго дело за кое е можно да се гонат е „прикривање“ со оглед дека и деканот и ректорот знаеле за сите активности, учествувале во нив, а никогаш не пријавиле, иако знаеле дека се прават незаконски обиди за прикривање на опремата, односно нејзино пренесување директно во МВР, а не на факултетот кој аплицирал на повик со образовни цели.
Кај пријавените професори може да се утврди и кривичното дело „поттикнување“, оти сите вмешани имале различна хиерархиска позиција во установата, па можно е „повисоките“ да ги терале „пониските“ да извршуваат некои задачи. Но, и за тоа вторите имале можност да пријават во полиција, а не го направиле тоа.
КОЈ Е ОДГОВОРЕН ВО МВР И ВО МОН?
Но, дали одговорноста завршува со неколкутемина од факултетот? Во кривичната пријава, освен неколку имиња, стои и називот „други лица“, односно дека и други биле вклучени во групата кои знаеле и правеле малверзации со опремата. При разгледувањето на документацијата не е тешко да се утврди на кого се мисли.
Несомнено дека одговорни има во редовите на крим-техника. Некои од нив се потпишувале како раководители на проектите на факултетот со кои се аплицирало за опрема на огласот на МОН, иако не смееле. Информации за случајот може да има Слободан Оклевски, актуелен началник на одделот за крим-техника (инаку, главен при увидот по сообраќајната несреќа на новинарот Никола Младенов, избран на функцијата по поднесувањето на кривичната пријава за случајот).
Тој, заедно со Малиш-Саздовска стои потпишан на два елабората од Факултетот за безбедност испратени до МОН. Имено, тоа се две апликации за две различни лаборатории под изговор дека се неопходни за факултетот и студентите.
Ако ништо друго, Оклевски може да му олесни на јавното обвинителство во истрагата – да ги пронајде доказите и да провери како се појавуваат имињата на неговите подредени на буквално секој проект аплициран во име на факултетот.
Таму, во неговиот сектор се кријат многу податоци за набавката на опремата за лаборатории. Затоа обвинителката наложила преку одделот против организиран криминал на МВР да се испита одговорноста и улогата на крим-техничарите и дали тие однапред биле дел од планот како опремата да заврши во МВР, а не на факултетот, за каде што била првично наменета. Одговор никогаш не добила.
И крим-техничарите се проверуваат кои кривични дела ги извршиле, секако доколку МВР попушти и помогне во истрагата. Но, како да се удри против своите? Дали ако МВР дозволи да се покрене обвинителен акт против некои во крим-техника тие нема да посочат вина во повисоките структури на Министерството?
Оти логично е дека за толку скапа и мултифункционална опрема сознанија имале и претпоставените. Да потсетиме оти само АФИС системот чини 2,5 милиони евра, а служи за земање отпечатоци за лични документи, производство на лични карти и пасоши, а со другата опрема може да се следат сервери и компјутерски комуникации на граѓаните. Уште повеќе кога се знае дека целата документација упатува оти однапред се знаело каде ќе заврши опремата.
Токму затоа морале да знаат повисоките во МВР, оти морале да се појават како краен корисник на опремата. Сигурно не може некој во крим-техника да и подвали опрема, на пример, на министерката Јанкулоска!? Јавното обвинителство сега ќе мора да ја испита и нејзината одговорност, дали таа поттикнала некого на нешто, или пак имала задолжено човек од опкружувањето да ја следи целата работа? Што практично таа знае?
Ако ништо друго, ќе може да објасни зошто е направен договорот меѓу МВР и МОН, за кој пишувавме, дека се набавува еден АФИС систем за отпечатоци, а притоа во документот се наведува сума како за три системи!
Каде се другите два? Проверува ли МВР кој има паралелни системи за биометриски документи?
Не е ли доволно сознанието дека некаде, може и во приватна сопственост, се штанцаат лични карти и пасоши? И дали тоа има врска со изборите?Преку договорот се стигнува до ексминистерот за образование, Спиро Ристовски. Но, со оглед дека проектот за опремување на факултетски лаборатории се провлекувал неколку години, за него знаеле и Тодоров и Кралев. Тие, ако се охрабри обвинителката и ако ги повика на испрашување, ќе можат да објаснат зошто користеле буџетски средства од потпрограма на МОН, какви што биле набавките, за на крајот опремата да заврши во МВР?
Колку пари се потрошени во набавките? Кои се крајните корисници на опремата? Дали и други факултети биле искористени како параван за потоа да се опремат други државни институции? Кривичното дело „злоупотреба на јавна набавка“ е направено, но кој го сторил, или кој го поттикнал?
И во МВР и во МОН знаат на која средба и кои лица ја договориле целата операција. Впрочем, на тоа укажале некои од пријавените професори кои дале исказ пред јавната обвинителка. Дури, деканот Јакимов за „Фокус“ потврди дека, на пример, министерката Јанкулоска, знаела однапред дека опремата ќе заврши во МВР.
Дали и други министри знаеле дека опрема наменета за факултетите ќе заврши на други места? Значи, и вработени во МВР и вработени во МОН, како и нивни претпоставени имаат направено грешки. Обвинителството може да им утврди неколку кривични дела, ако му се дозволи.
ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ЈА ВАДИ ВЛАДАТА ОД КАЛТА?
Иако како клучни играчи низ документацијата се споменуваат МВР и МОН, сепак и владата има свој удел во целата ситуација. И покрај тоа што знаела дека не смее да преземе ништо, сепак, откако опремата е веќе пренесена во МВР, барем според записниците за примопредавање, владата носи фиктивна одлука дека опремата му се одзема на факултетот, без оглед што претходно му се дала на трајно користење.
Потоа е донесена одлука со која опремата му се дава на МВР. Истото се повторува во трите примери со трите лаборатории. Ајде што одлуките следуваат откако веќе опремата отпатувала во МВР, туку се донесени и откако веќе е отворена истрага од јавното обвинителство за сомнителните набавки, што во секој случај може да се цени како обид за сокривање на вистинската трага на опремата, особено со другите два АФИС-системи кои недостасуваат!
Иако Владата може да се сокрие зад колективната одговорност, сепак на одлуките стојат имиња на нејзини членови – министри. Зар на седницата кога се носеле одлуките министрите за образование и за внатрешни работи не ги известиле колегите дека во тек е истрага на обвинителството, па како влада да се ангажираат да помогнат во откривањето на виновниците?
Напротив, тие уште повеќе загазуваат во калта со носење одлуки кои сега исто така се дел од обвинителската истрага. Одлуките не се легални и не можат да опстојат во правниот поредок на државата. Но има ли кој да го каже тоа јавно и да преземе нешто? Уште повеќе ако се знае дека со тие одлуки се предвидело потпишување договор меѓу МВР и факултетот, што практично никогаш не се случило, а со тоа не се ни спровеле одлуките како што треба, иако самите по себе се фалични.
Ако фактите се поврзат и ако испадне дека цела група знаела за ова, од професори на факултетот, вработени во МВР, вработени во МОН и министри, како и дека однапред се договориле како ќе се испорача и каде ќе заврши опремата, тогаш е јасно дека ќе постои и делото „злосторничко здружување“, омиленото кривично дело на обвинителите и власта кога се во обид да ја претстават „големината“ на малиот злостор на некоја „случајно“ приведена група.
И така, доаѓаме до третата шанса на Зврлевски на патот кон неговиот врв од кариерата. Секако, ќе му остане да ја провери и улогата на Бирото за јавни набавки – колку тоа знаело за набавките, колку од нив се реализирале, кои се крајните корисници, какво мислење дало пред спроведувањето на јавните набавки, зошто дозволило некој во име на МРТВ да конкурира за два АФИС-система, и каде завршила апаратурата? Потоа ќе може да оформи група, злосторнички организирана, и да ја гони. Простор за манипулации нема. Или можеби има?
ЗА ТРИ ЛАБОРАТОРИИ ИМА ДОКУМЕНТИ, ЗА ДРУГИТЕ НИТУ ЛИСТ
Напишавме дека Факултетот за безбедност успеал да добие три лаборатории преку огласот на МОН. И трите преку игра со документи и обиди за прикривање, завршиле во МВР. Но, што се случило со другите апликации на факултетот?
Деновиве дознавме дека имало вкупно десет. Апликациите постојат, но неизвесна е судбината на опремата. Имено, факултетот аплицирал за лабораторија за гасно-масен спектометар, за лабораториски дигестори, лабораторија за ДНК анализа, за систем за визуализација на траги од папиларни линии итн. И за оваа опрема има индиции дека постои само фиктивна документација, а притоа завршила на неадекватна локација и којзнае каква намена.
Но, прашање за дискусија, или поконкретно за кривична постапка, отвора и сознанието дека проектот на МОН на почетокот изнесуваше 60 милиони евра. Колку од тие пари се искористени, за каква опрема, за кои факултети, дали целиот проект бил измислен само за други да набават опрема?
Уште пострашно ако опремата завршила надвор од институциите, каков што е сомнежот за двата АФИС-система за отпечатоци за лични карти и пасоши кои недостасуваат, а надлежните само си ја префрлаат одговорноста без никој да пројави интерес да открие каде се и дали некој и за што ги користи? Сигурно ѝ гори под нозе на обвинителката кога се знае дека мора да пронајде одговори на многу прашања во ситуација кога полицијата не соработува.
Податоците потврдуваат дека се опремувале 44 лаборатории, но не се знае точно за кои факултети. МОН ги делело лабораториите по групи, на пример, група медицински науки или пак, група општествени науки. Ако се погледнат лабораториите за општествените науки, три паѓаат во око. Имено, преку проектот, под превезот „општествени“ се набавила опрема за криминалистичка лабораторија, лабораторија за криминалистички истражувања и криминалистичка лабораторија за микротраги.
Тешко е да се стигне до крајните корисници на ваквата специфична опрема. Уште потешко е да се открие дали и таа опрема завршила во МВР, доколку и некој друг факултет од општествените науки бил искористен фиктивно да учествува на огласот на МОН! Факт е дека документацијата е комплексна, но некој мора да го истражи целиот случај. Колку подолго молчат во МОН, толку сомнежите растат. Познато е дека владата за многу факултети носела слични одлуки за одземање и давање опрема.Информациите зборуваат дека актуелниот министер Абдулаќим Адеми пројавил интерес за целиот случај и се обидува да ја обезбеди документацијата и да го склопи мозаикот. Но, што кога ќе види кои „риби“ пливаат кон обвинителската „мрежа“? Ќе сака ли тој да се открие начинот и злоупотребата на парите? Како образованието било ставено во служба на полицијата? Како парите наменети за научно-истражувачки цели се потрошиле за зајакнување на полициските истраги?
Секако, на крајот мора да се утврди и мотивот затоа што сега е несфатливо зошто МВР го користело потешкиот пат кој им ја искомплицирал замислата. Зошто едноставно не си искористило други средства од буџетот за опремување на своите лаборатории, со оглед дека власта е лагодна кога троши за полицијата.
Па, дури можело МВР таквата опрема да ја добие и како донација од некоја странска држава. Ваквото прашање било поставено и на еден од состаноците во јавното обвинителство – нејасно им било зошто МВР со МОН и со факултетот, па на крајот и со амин од владата се впуштило во авантурата со опремување лаборатории. Официјално, ниеден функционер не е сменет поради аферата со лабораториите.
Со датумот кога е поднесена кривичната пријава коинцидира заминувањето на Љупчо Тодоровски од МВР, како и на Кралев од местото министер за образование. Останатото ќе си го проверат Зврлевски и Илиевски, ако им даде Јанкулоска.