Откако денеска истражители од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција влегоа во просториите на СЈО, со наредба да одземат документација поврзана со исплатата на бонусите, обвинителите кои до неодамна беа дел од тимот на СЈО, се воздржуваат од официјални коментари. Поради нашето инсистирање за коментар, неофицијално порачуваат обвинителството да си ја заврши работата, додавајќи дека тие нема од што да се плашат, бидејќи исплатите се вршеле законски.
„Не сакаме да даваме изјави бидејќи ќе излезе дека се правдаме, а навистина нема потреба. Од самиот почеток беше јасно со колкав буџет располага СЈО и кои се овластувањата на Катица Јанева. Сега на потег се колегите од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, тие нека кажат дали биле правени злоупотреби“.
Сума, сумарум, ова е коментарот кој го добивме од неколкумина обвинители кои беа дел од тимот на СЈО.
Тие додаваат дека на списокот за бонуси биле околу 120 вработени, односно обвинители, истражители, стручни соработници…
-Од првиот ден во Министерството за финансии знаеле колку средства се одлевале за додатоци, бонуси… Доколку било спорно, зошто не реагирале или зошто не реагирал Советот на јавните обвинители кои во раце ги имаа финансиските извештаи, велат нашите соговорници обвинители.
Дека Јанева имала право да дели средства надвор од месечната плата потврдува и Законот за СЈО. Во членот 14, став 3, пишува:
-Јавниот обвинител и јавните обвинители во Јавното обвинителство имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење на висок ризик и додаток за доверливост.
Со овој член законодавецот буквално и ги одврзал рацете на Јанева, односно не ја ограничил во кој износ да се движат дополнителните додатоци.
-За разлика од останатите обвинители платата ни беше за 300 евра повисока, а работевме три инстанци, основно, вишо и републичко. Секој обвинител, освен Јанева земал по 22.000 евра годишно, но сите како да забораваат дека и главата ја стававме во торба. забораваат каков профил на луѓе гоневме! Истите суми ги земаат и обвинителите ангажирани во специјалните обвинителства во регионот, велат нашите соговорници.
Според базата на „Отворени финансии“ поранешната шефица на СЈО Катица Јанева земала 157.000 евра додаток за доверливост во својот четири годишен мандат, додека салдото на останатите се движи меѓу 70 и 100.000 евра исплатени за 4 години.
Валентина Вурмо