Обвинетите во „Тврдина 2“ денес повторно ќе седнат на обвинителна клупа

by fokus

Во Основниот суд Скопје 1 денеска треба да се одржи подготвително рочиште за случајот на СЈО, „Тврдина 2“, во кој обвинети се седумина вработени во УБК кои се гонат за уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување.

Последното рочиште се одложи бидејќи судијката Лидија Петрова беше на боледување.

Тогаш обвинителката од СЈО, Ленче Ристоска, истакна дека министерот за внатрешни работ Агим Нухиу ги декласифицирал поголемиот број од доказите за овој случај, а за кои до неодамна Управата за безбедност и контрарзузнавање одби декласификација, односно се правдаа дека овие информации мора да останат класифицирани, бидејќи во спротивно би се загрозила безбедноста на државата.

-Постапувајќи по задолжение на судот повторно од УБК и МВР побаравме декласификација на доказите, по што од страна на министерот ни беа доставени две решенија за декласификација на поголемиот број докази. Декласифицирани останаа само деловодните книги на УБК. Решенијата ги добивме од МВР, бидејќи УБК и понатаму одбива да ги прими нашите барање, истакна обвинителката Ристоска.

Во случајот, познат како „Тврдина 2“, првообвинет е Горан Грујоски, поранешниот началник на петтата управа и шест вработени во УБК. СЈО Грујоски го сомничи за фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на 2014 година.

В.В.

Поврзани новости