Откако случајот падна на Апелација, експресно беше донесено решение обвинетите да останат во притвор уште 30 дена, а овој рок истече денес, по што дознаваме дека повторно е донесено решение за продолжување. Во спротивно, точно на полноќ, притворените ќе требаше да бидат пуштени да се бранат од слобода.
Одлуката за продолжување на притворот важи за петмината обвинети, Зоран Трајковски, Сашко Јовановски, Ивица Ристиќ, Гоце Митревски и Никола Негриевски. Љубе Бошкоски, пак, не е во притвор, бидејќи одлежува петгодишна казна затвор за случајот „Кампања“.
На слобода се уште се првообвинетите Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се недостапни за органите на прогонот.
Откако случајот падна на Апелација, два пати се носат решенија за продолжување на притворот, но сѐ уште не е ставена на хартија одлуката со која случајот се враќа на повторно судење. Веќе еден месец адвокатите и обвинетите чекаат да го видат образложението кое докажува дека, засега, тие ја добија правната битка.
Според пресудата на Кривичниот суд, Бошкоски, како тогашен министер за внатрешни работи, беше осуден на 12-години затвор за „психолошко помагање на убиство“, односно наводно му дал зелено светло на Орце Коруновски за убиството на Тушевски и Јанев. Наводно ветил дека нема да поведе истрага за убиството и ќе им помогне на извршителите на избегаат.
Откако конечно одлуката на Апелациониот суд ќе им биде поделена на адвокатите, набрзо ќе биде закажано и новото судско рочиште во Основниот суд Скопје 1.