Обвинетите од „Монструм“ денес излегуваат на слобода, Врховниот суд им го укина притворот

by Fokus

Четворицата обвинети во случајот „Монструм“, Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири денеска излегуваат на слобода бидејќи Врховниот суд одлучи да им ја укине мерката притвор.

Врховниот суд им определи мерки на претпазливост, односно не смеат да го напуштат градот во кој што живеат, а имаат и обврска двапати неделно да се јават во Основниот суд Скопје 1.

-Врховниот суд на Република Македонија донесе решение по предметот Вкж2 бр.3/2016, познат во јавноста како „Монструм“, со кое на обвинетите А.И., Ф.А., Х.А. и С.Љ. им се определени други мерки за претпазливост, и тоа забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, како и редовно јавување пред Основниот суд Скопје I Скопје два пати неделно, а обвинетите веднаш се пуштаат на слобода, пишува во соопштението на Врховниот суд.

Неодамна Врховниот суд донесе одлука со која се укина првостепената и второстепената пресуда за овој случај, со кои обвинетите беа осудени на доживвотен затвор, и одлучи случајот да се врати од почеток.

Овие обвинети поминаа речиси пет години зад решетки, а останатите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство.

Петкратното убиство кое им се става на товар на обвинетите беше извршено на 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро, каде што беа убиени четири момчиња и рибар.

 

 

Поврзани новости