Обвинетиот за напад врз новинарската екипа се изјасни како невин, на следното рочиште ќе се сослушуваат сведоци

by Fokus

Заврши првото рочиште за нападот врз новинарската екипа на вториот ден од протестите „За заедничка Македонија“. Исказ пред судот даваа оштетените, новинарот Александар Тодески и снимателот Владимир Желчески, а обвинителката Снежана Бундалевска пред судот го презентираше обвинението.

Во судницата беше присутен и обвинетиот Матија Каников, кој повеќе години работи како комунален редар во Град Скопје, а по презентирањето на обвинението се изјасни како невин. На почетокот на судењето, Каников побара истото да биде одложено на барање на неговата одбрана, првото рочиште продолжи.

Новинарот и снимателот сведочеа дека откако го следеле протестот на 28 февруари минатата година, пред крајот на говорите отишле пред триунфалната капија за да ги снимаат двојазичните пари кои демонстрантите ги флале од горе, но во тој момент им пришле неколку лица кои побарале од нив да се легитимираат. Откако Тодески одбил бидејќи не биле службени лица, тие веднаш биле нападнати, а напаѓачите се упатиле кон Градскиот трговски центар, каде се снимени од безбедносните камери. Од нападот, двајцата се здобија со телесни повреди и потрес на мозокот.

На фотографиите од нападнатата екипа кои се проширија во медиумите исто така се забележуваат две лица, но во профил се гледа единствено ликот на обвинетиот Каников, додека на безбедносните камери, второто лице носи капуљача и не се гледа неговиот лик.

Нападнатата екипа сведочеше дека на протестот немало големо полициско присуство, а на местото каде тие беа нападнати имало само неколку граѓани, но не и полициски службеници. Исто така, двајцата кажаа дека полицијата не тргнала во потрага по напаѓачите.

На местото на настанот, како што тие сведочеа бил и тогашниот министер за финансии, Кирил Миновски заедно со негов пријател, но непосредно пред нападот тие се повлекле на страна.

-Како оштетени кажавме дека на протестот сме биле да го следиме професионално, а бевме нападнати. Обвинетиот се изјасни како невин. Не кажа кој е вториот напаѓач, не го знае ниту обвинителството бидејќи на доказите кои ги имаат прибавено се гледа другиот напаѓач како беа низ ГТЦ со капуљача на главата. Ние единствено што видовме е сина јакна и тренерки како бегаат, рече новинарот Тодески.

Судијката Марија Клетничка Марковска по исказите и читањето на обвинението закажа ново рочиште за 23 мај, кога ќе се презентираат доказите и ќе се сослушаат сведоци.

 

Иако полицијата приведе повеќемина за случајот, обвинителството поднесе обвинение за само едно лице, кое успеа да го препознае од фотографиите и од безбедносните камери на Градскиот трговски центар.

Поврзани новости