Обвинетиот Азири како „експерт“ за оружје ги испрашува вештаците во „Монструм“

by fokus

Фејзи Азири, еден од обвинетите во случајот „Монструм“ веќе два час денеска во Кривичниот суд ги испрашува вештаците од Судска медицина и балистите од МВР.

Азири имаше низа забелешки за работата на стручните лица, односно спореше делови од нивниот извештај, во кој е опишан начинот на кој биле убиени четирите момчиња и рибарот кај Смиљковското Езеро.

Иако невешто, но со впечаток дека е добар познавач на оружје, Азири поставуваше прашања од типот „Како може проектилот да се најде во телото, а не и кошулката која е полесна од проектилот? Колку се долги каналите во телата направени од проектилите?

Азири праша и дали може да се утврди со кој калибар е пукано во ситуација кога проектилот излегол од телото, на што доби одговор дека со сигурност не може да се утврди калибарот. По овој одговор обвинетиот рече „По мое мислење може да се утврди”‘.

Обвинителите од СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски неколку пати приговараа до судот дека обвинетиот Азири нема право да ги коментира одговорите, туку само да прашува.

Азири незадоволен од одговорите кои ги доби, најави дека ќе побара нови вештаци и експерти по балистика, бидејќи овие, како што рече, работеле од канцеларија.

В.В.

Поврзани новости