Вработената во Министерството за култура против која велешкото основно јавно обвинителство поднесе обвинение за измама, лажела дека работи како портпарол во кабинетот на заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.
Јавното обвинителство, јавува Мета кратко по соопштението за поднесеното обвинение, информираше дека попладнево добиле известување од Министерството за култура од каде биле информирани дека „обвинетата Д.Н.К. е вработена во Министерството за култура, но не е ниту портпарол, ниту воопшто е распределена на работно место во кабинетот на заменик-министерот за култура“.
„Обвинетата во текот на целата постапка пред надлежен јавен обвинител се претставува како вработена на работно место портпарол во кабинетот на заменикот-министер за култура“, стои во исправката на Обвинителството.
Како што соопшти денеска јавното обивнителство, обвинетата Д.Н.К. во текот на август и на почетокот од септември им ветила на татко и на ќерка дека за одреден паричен надомест може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР, преку огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.
„Притоа таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и од МВР, со што ги навела оштетените да ѝ исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари (околу 3.000 евра н.з.) и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување“, стои во соопштението од Обвинителството.
Три дена по последната уплата на парите, се додава во соопштението, таткото и ќерката, откако биле известени по телефон од портпаролката, отишле во Центарот за обуки на МВР во Идризово за да потпишат договор за вработување, но оттаму им било кажано дека не е организирано потпишување договори и дека нивниот син, односно брат, воопшто не е примен на огласот за обука на полицијаци.