Текстот е објавен на 1 септември, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1143
Пишувала Валентина ВУРМО
Митре Кирковски, еден од 72-та обвинети инкасанти и раководители во случајот „Змиско око“, не ја дочека својата правда. Последните десет години од животот ги мина низ судските лавиринти, чекајќи судот да утврди дали украл или не, 120 денари!
Го апсеа како најголем криминалец, помина една година во притвор, бидејќи кога се раздолжувал, како вработен инкасатор на наплатна станица на патарина, во неговата каса недостасувале 120 денари, а пред два месеца ја изгуби битката со животот.
Животната голгота на Кирковски ја преживуваат и останатите седумдесетина обвинети во овој случај, но и нивните семејства, кои изминатава деценија го изгубија здравјето по судските ходници. Наместо одамна донесена правосилна пресуда, со оглед на изминатите години, случајот е на самиот почеток, поради што пред обвинетите и нивните семејства претстојат уште многу години малтретирање по судовите.
„Спектакуларното“ апсење на овие луѓе, со специјалци вооружени до заби, почна на 18 ноември 2007 година и траеше неколку дена, а тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска пред јавноста гордо истакна дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција досега. Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што, повторно организирано ги делеле.
Еуфоријата на тогашната власт за оваа акција беше неопислива. По една година од преземањето на власта „докажаа“ дека немилосрдно се борат против криминалот и корупцијата. Обвинетите, пак, ги третираа како опасна банда, налик на онаа од Диво насеље, бидејќи безбедносните контроли на судењата беа на највисоко ниво, како да се судат терористи, а не инкасатори, а и тогаш хеликоптер ја надлетуваше судницата.
Но, еуфоријата набргу спласна, откако обвинителството не успеа да ги докаже тезите на МВР. Па, од најорганизирана акција, која се подготвувала и траела цели осум месеци, се сведе на паушални обвиненија, без доволно материјални и вербални докази.
Токму затоа, и по десет години, овој случај сѐ уште нема правна завршница и се наоѓа на самиот почеток.
ТРЕТА МАЈКА ЗА „ЗМИСКО ОКО“
Фатмир Амзи, Наум Михајловски, Дритан Саити и Муамед Сеид Караџа, на петти септември, заедно со останатите колеги, по 151. пат, ќе треба да седнат на обвинителна клупа во Основниот суд Скопје 1, како обвинети во „Змиско око“. Досега за овој случај се одржаа 150 судски рочишта, или во превод ова значи дека поминале цели пет месеци во судница. Покрај тоа, голем дел од нив беа по неколку месеци во притвор, а неколкумина таму поминаа 13 месеци.
Но, и по сето ова, судскиот случај никако да се помести од мртва точка. Судењето неодамна стартуваше по третпат, откако претходно Апелациониот суд во два наврати ги укинуваше првостепените пресуди и го враќаше процесот од почеток.
Со текот на годините Амзи, Михајловски, Саити и Караџа, од инкасанти прераснале во правници, и тоа добри, бидејќи со години се обидуваат да докажат дека се невини. Законот за кривична постапка го цитираат и во сон, обидувајќи се да го отфрлат небулозното обвинение кое една деценија го носат на плеќи.
Како што велат, многу нешта се смениле во изминатиот период. Животот преку ноќ им се претворил во кошмар од кој не можат да се разбудат една деценија. Од чесни луѓе, без ниту еден сторен прекршок, а камоли кривично дело, ги прогласуваат за криминалци. Цехот што го платиле, но и што се уште го плаќаат е неверојатно голем.
– Не постојат зборови за да го опишеме она низ што поминуваме. Ни одзедоа десет години од животот, кои веќе никој и со ништо не може да ни ги врати. Не апсеа како најголеми криминалци, лежевме повеќе од година дена во притвор, и сега со години чекаме, а и ние веќе не знаеме што точно чекаме, велат револтирано нашите соговорници, кои со купишта документи во рацете, за „Фокус“ раскажуваат за тортурата низ која поминале.
Дека помпезно најавуваниот случај ќе се претвори во дебакл, се виде при донесувањето на првата, првостепена пресуда, на 28 ноември 2008 година. Одлуката беше распослана на 152 страници, а ја донесе судијката Вангелина Маркудова, како претседател на советот, редовниот судија Јани Нича и судиите поротници Бранка Николовска, Десанка Димовска и Андромахи Пајиќ.
Иако се очекуваше пресудата да го оправда театарот на МВР и обвинителството, за „најголемиот корупциски случај“, сепак тоа не се случи. Падна обвинувањето дека инкасаторите и контролорите функционирале како организирана злосторничка група, па беа осудени само за злоупотреба на службената положба.
Највисоката досудена казна беше четири години затвор за двајца од обвинетите, една тригодишна казна, осуммина добија по две години затвор, повеќето добија условна казна од две години, а тројца беа ослободени од вина.
ПРВОСТЕПЕНАТА ПРЕСУДА АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРОГЛАСИ ЗА НЕЗАКОНСКА
Во делот на пресудата, каде што судот треба поединечно да објасни зошто, обвинетите се осудени, односно која е нивната лична вина, стои само една реченица.
– Сите до еден не осудија со една идентична реченица, без да се посочи колку пари сме проневериле, кога, и на кој начин, вели Амзи.
Фамозната реченица која во пресудата се повторува неверојатни 72 пати гласи:
„Со неизвршување на својата должност во повеќе наврати од патниците наплатил половина од предвидениот износ за што не издавал фискална сметка“.
И толку. Судот воопшто не се потрудил кај секој од обвинетите да ја посочи евентуалната лична вина, да даде детали, за тоа кога, во колку наврати не издал фискална сметка или пак колкава е неговата нелегална заработка?
Токму затоа оваа, во најмала рака речено, небулозна пресуда паѓа како кула од карти пред Апелациониот суд. Второстепениот суд, со одлука донесена на 27 април 2009 година, првостепената пресуда ја оцени како незаконска, нејасна и контрадикторна.
„Првостепениот суд сторил суштествени повреди, кои се состојат во тоа што обжалената пресуда е нејасна, неразбирлива, противречна самата на себеси и на причините во пресудата, во неа не се наведени причините за решителните факти, изреката на првостепената пресуда е контрадикторна на образложението на истата, поради што со сигурност не може да се испита, се наведува во одлуката на Апелациониот суд.
Една од небулозите што ја направил првостепениот суд е што најпрвин наведува дека тројца од обвинетите се ослободени од вина, а неколку страници подолу пишува како и тие заедно со останатите се сторители на кривични дела, наведувајќи кои нелегални дејствија ги презеле, докажувајќи ја нивната вина, за потоа повторно да ги прогласи за невини?!
„Во осудителниот дел од пресудата ги наведува дејствијата кои ги превземале тројцата обвинети, а за истите овие дејствија овие тројца обвинети се ослободени од обвинение. Во поткрепа на ова е и утврдено дека на страна 115 и 116 од првостепената пресуда дека истите се сторители на кривичното дело за кое еднаш се ослободени од обвинение, а друг пат се осудени“, се наведува во одлуката.
БИЛ ЗЛОУПОТРЕБЕН И ЗАШТИТЕН СВЕДОК
Овој суд утврдил и суштествени повреди, односно дека утврдените факти не произлегуваат од изведените докази. Поточно, направена е злоупотреба со исказот на еден од заштитените сведоци.
Имено, заштитениот сведок, под псевдоним Б-3, Кривичниот суд го сослушал само во текот на истрагата, а на главен претрес неговиот исказ како доказ не бил изведен, односно ниту бил сослушан, ниту пак исказот даден пред истражниот судија го прочитал.
Од друга страна, пак, судот во пресудата го анализира исказот, му поклонува верба и од него утврдува факти, при што според апелационите судии е направена повреда, бидејќи судот ја заснова пресудата само врз фактите и доказите изведени на главен претрес.
Исто така, овие судии забележале дека судот иако прифатил докази кои обвинетите ги приложиле, сепак во пресудата не образложува дали им поклонил верба, а не образложил ниту зошто не ги прифатил оние кои ги одбил. Во врска со доказите, второстепениот суд забележал и дека Кривичниот суд извел плејада докази кои ги цитирал во пресудата, но поголемиот дел од нив воопшто не ги анализирал и не посочил кои факти ги утврдил од нив.
Ова значи дека им било важно доказите да ги има што е можно повеќе на број, без разлика на нивната употребливост и веродостојност, односно дали навистина ја докажуваат вината на обвинетите.
Судот забележува и дека на цели 60 страници судот ја пренел одбраната на обвинетите, но само на една страница ја коментира, без конкретно да се произнесе за секој обвинет, со што го повредил правото на одбрана.
Она што недостасува, а се чини дека е најважно, е тоа што судот не образложил од каде или како утврдил дека обвинетите меѓу себе се договарале дека ќе наплатуваат по половина од сумата на предвидениот надомест за патарините и нема да издаваат фискални сметки.
Во тој контекст, апелационите судии посочуваат дека не е доволно образложението на судијката Маркудова дека обвинетите во неколку наврати наплаќале по половина од предвидената сума за наплата. Истакнуваат дека е задолжително да се наведе колку точно пати не издале фискални сметки и колку пари ставиле во џеб!
Кривичниот суд направил каша попара и со периодот во кој наведува дека вработените на патарините краделе. Истакнале дека сите обвинети штетата ја сториле од јануари до ноември 2007 година, а вештачењата за штетата биле направени од април до октомври?!
Исто така, значајно е што неколку месеци од посочениот период дел од обвинетите и воопшто не биле вработени во ЈП „Македонски пат“, односно дел од нив почнале да работат во март, а дел во април, а се гонат за сторен криминал и во јануари и февруари?!
За судот не било важно ниту кој од обвинетите на која наплатна станица бил ангажиран и во кој период, што уште еднаш укажува дека им било битно само да имаат голема група виновници, па така и ги суделе, без да се утврди индивидуалната одговорност, што во правото е неопходно.
ДЕСЕТ ГОДИНИ СУДОТ НЕ МОЖЕ ДА УТВРДИ ШТЕТА!
Сепак, најголемиот пропуст, кој уште во стартот требало да им донесе ослободителна пресуда на обвинетите е тоа што досега не е утврдена конкретна штета што ја направиле. ЈП „Македонија Пат“ уште на почетокот го повлече отштетното побарување бидејќи завршната сметка за 2007 година покажала дека има вишок средства!
Штета дополнително предјавиле од Фондот за патишта, на кои од судот им бил испратен допис да се изјаснат. Но, и покрај многубројните направени вештачења и сменети вештаци, штетата што се посочувала е претпоставена, а не конкретна. Ваквата игра со бројки и нагаѓање во правото е недозволена, па затоа на оваа околност жестоко реагирал Апелациониот суд.
„Основан е жалбениот навод дека првостепениот суд сторил суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка со тоа што не ја утврдил точната висина на направената штета спрема Фондот за регионални и магистрални патишта. Наместо точна штета за секоја наплатна станица е наведена сума пред која стои зборот најмалку, при што е дојдено до најмала вкупна штета од 169.344.745 денари, при што судот го немал предвид фактот да висината на штетата е квалификаторен елемент на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување и треба да се утврди точна конкретна штета, а не најмалата, децидно посочиле од Апелација.
Дополнувајќи ја тезата дека вештачењето е паушално, еден од вештаците појаснил дека бројачите на автомобилите, поставени на патиштата, кои ги користеле за да ја утврдат штетата, не се веродостојни. Односно истакнал дека на наплатната станица „Петровец“ бројачот ги регистрира сите возила кои одат во таа насока, но дел од нив воопшто не минуваат низ патарината, бидејќи се исклучуваат пред неа.
Исто така, вештакот открил дека во моментот кога го вршел вештачењето на Бирото за вештачење не му биле доставени списоците од возилата кои не платиле патарина, а судот ги поседувал.
„Не ги разгледав тие списоци, Бирото за вештачење не можеше да ги најде, а на вештачењето кога беше никој не кажа дека такво нешо има“, по што Апелациониот суд констатира дека се доведува под сомнение висината на утврдената штета.
Дури и самите вештаци и надлежни лица на судењето потенцирале дека бројчаниците немаат врска со наплатните станици и дека тие се независно поставени на регионалните и магистралните патишта.
Претставникот на Фондот за патишта, пак, исто така посочил дека не може да одговори по кој основ е предјавена штетата, дополнувајќи дека добиеле известување од судот да се произнесат за отштетното побарување.
И ВТОРАТА ПРЕСУДА ПОЛНА СО НЕБУЛОЗИ И ПРОПУСТИ
Втората првостепена пресуда, овојпат скоцкана на 104 страници, на 16 јануари 2015 година, ја носи изменет судиски состав со кој претседава судијата Јани Нича. Сега предвидената штета е 171.403.565 денари, а досудените казни се речиси идентични како и во претходната. Највисоката казна повторно е четири години, двајца од обвинетите се осудени на три години затвор, седум казни од две години и четири месеци, а останатите условни од по две години.
Но и оваа пресуда издишува како балон по одлуката на Апелациониот суд, донесена на 21 март 2016 година, да ја укине и да го врати случајот на повторно одлучување.
Забелешките на второстепениот суд во голем дел се повторуваат, поради што сега Кривичниот суд има трета шанса да го докаже обвинението или конечно да го отфрли.
Нашите соговорници појаснуваат дека наредната недела повторно ќе седнат на обвинителна клупа, коментирајќи дека е невиден скандал да одговараат за штета која произлегла од нечии претпоставки, и тоа бидејќи судот инсистирал да се направи било каква пресметка, бидејќи без неа, нема основ кривично да ги гони.
Додаваат и дека до судот не биле доставени сите докази кои оделе во нивна корист, односно велат дека имало возила кои навистина ја поминувале патарината без да платат, но за тоа воделе евиденција.
– Имавме евиденција за возила кои не плаќаат и возила кои не сакаат да плаќаат. Таа евиденција ја водевме со евидентен лист кој ни се даваше од страна на ЈП „Македонија пат“ и со раздолжувањето на дневниот промет со се евидентниот лист се раздолжуваме во секторот за наплата на претпријатието, велат нашите соговорници.
Овој елемент е најспорен и за адвокатот Стеван Павлески, кој од самиот почеток е вклучен во процесот.
– Во овој случај има спорни докази, односно не е утврдена конкретна штета. Неколкутемина вештаци кои доаѓаа беа децидни дека не може да се утврди конкретна штета, но јавниот обвинител не сакаше да го прифати овој факт и да го отфрли обвинението, вели Павлески.
ПАВЛЕСКИ: „ЗМИСКО ОКО“ Е РАК РАНА НА ПРАВОСУДСТВОТО
Тој појаснува дека „Змиско око“ е мегаломански процес, со кој тогашната власт сакала да остави впечаток дека се бори со криминалот и корупцијата.
– Овој случај е рак раната на македонското правосудство и симбол за монтирани процеси. Обвинителите и судиите наместо да го отфрлат случајот, се потчинија на политиката, но за возврат направија и блескави кариери. Судијката Маркудова, без докази ги прогласи за виновни обвинетите, а сега е уставен судија. Обвинителката Вилма Русковска, пак, која сега се прикажува како голем борец за правда, беше слепа и глува кога вештаците велеа дека не може да се утврди штета, истакнува Павлески, кој одреден период ја извршуваше и функцијата републички јавен обвинител.
Павлески додава дека тој го застапувал обвинетиот Кирковски, кој неодамна почина.
– Мојот клиент Митре Кирковски го гонеа за 120 денари. Ова не е грешка. За 120 денари помина пет месеци во притвор во Шутка, потоа неколку месеци во домашен притвор, му го замрзнаа имотот, па сега иако е починат, се уште не можеме да му го вратиме на семејството за да може слободно да располага, вели Павлески.
Покрај тоа што обвинетите цела деценија се во постојан грч, на дел од нив толкав период им е замрзнат и имотот, односно не смеат да ги продаваат куќите или становите, или да ги издаваат под кирија.
Овие обвинети засега правна сатисфакција добија единствено од Судот за човекови права во Стразбур, каде што едногласно беше одлучено дека Кривичниот суд неоправдано долго ги држел, им го продолжувал притворот. Поради кршење на правото на слобода и сигурност Македонија требаше да им исплати на сите обвинети по 2.000 евра за судски трошоци.
Дел од обвинетите пред Врховниот суд поднесоа и тужби за судење во неразумен рок, но мизерните отштети од 1.000 или 2.000 евра, за жал не може да им го вратат изгубеното време. На крајот, можеби и ќе дочекаат да ја добијат правдата која ја бараат, но што потоа? Обвинителите ќе продолжат да сценираат нови обвиненија, судиите да ги носат судските тоги, а само обвинетите ќе останат оштетени.
И тоа не со претпоставена штета, туку со конкретна, за одземени десет години од животот.
Меѓу обвинетите е и Абдула Мемеди. Тој бил вработен девет месеци, од кои четири месеци поминал во болница, а еден месеци бил суспендиран. За останатите четири кои ги работел добил долгогодишно влечкање по судските лавиринти на кое се уште не му се гледа крајот.
Рамка
ОБВИНЕТИТЕ СÉ УШТЕ СЕ ВРАБОТЕНИ ВО ЈП„МАКЕДОНИЈА ПАТ“
Обвинетите во случајот „Змиско око“, откако излегоа од притвор, повторно беа вратени на работа во ЈП „Македонија пат“, бидејќи додека правосилно не се докаже нивната вина, никој не може да ги избрка.
Но, како што велат, за да самите си дадат отказ, добија промена на работните места, а последната функција што ја имаа е патар на патот, или како што појаснуваат, човек со лопата на патот. Истакнуваат дека биле прераспоредени на ова место за да добиваат најмала можна плата, пониска за двапати од онаа што ја земале како инкасатори.