Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје, против 28-годишен скопјанец кој го сторил кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
– При извршен претрес на 24 декември, во изнајмен стан на улица „Црвена Вода“, кај обвинетиот биле пронајдени 54,76 грама марихуана, 0,8 грама кокаин, хашиш смола со вкупен волумен од 14 милилитри во три шприца, како и психотропни супстанции – 10,8 грама амфетамин и 4,65 грама од 3,4-метилен диоксиметамфетамин (МДМА). Покрај дрогата која обвинетиот неовластено ја држел заради продажба, во станот била пронајдена и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога, информира Јавното обвинителство.
Во насока на обезбедување на присуство на обвинетиот за натамошниот тек на постапката, додаваат, јавниот обвинител кој постапува во предметот до надлежниот суд достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице.