Обвинение против Максим Димитриевски

by Fokus

Обвинение за злоупотреба на службена положба и овластувања е поднесено против градоначалникот на Куманово, актуелиот кандидат за претседател – Максим Димитриевски.

Кумановскиот обвинител, Иса Сулејмани поднел обвинителен предлог по кривичната пријава на две кумановски фирми дека не им издава градежна дозвола за изградба на висококатница и покрај тоа што, адвокатскиот тим на Димитриевски барал тој да биде изземен поради пристрасност и селективно постапување во предистражната постапка.

Според Димитриевски, постоело стручно мислење од експерти за случајот, кое обвинителот не го земал предвид. Тој обвинува за политички прогон од страна на власта.

„Во овој случај постои стручно мислење од еминентни стручни лица кои што го потврдиле јавниот интерес и истата постапка е во тек. Дополнително, во континуитет врз мене се вршат различни форми на притисок и различни обиди за да се издејствува да се обезбеди градежна дозвола. Тоа е глобален случај, каде за жал има инволвирано и лица, носители на највисоко ниво на функции во државата, а дополнително и лица кои што одлучуваат во работењето на Уставниот суд“ – изјави Димитриевски на прес-конференција.

Фирмите „Делукс ауто“ и „Хромак“ велат дека претрпеле штета од 55.000 евра, затоа што не им издал решение за наплата на комуналии за објектот.

Обвинуваат дека Димитриевски не го почитувал Законот за градење како и одлуките на Уставниот суд.

За обвинувањето од Димитриевски дека биле спонзори на партијата на власт, оттаму тврдат дека е сосема спротивното.

Поврзани новости