Образование ли е ова или панаѓур?

by lali

JaniЗамрсеното клопче, наречено „екстерно оценување“ на студентите од факултетските клупи, почна полека да се одмотува. Иако на почеток воопшто и не постоеше според владините телевизии, клопчето тргна од просторот пред Ректорат и полека почна да се одмотува до Владата и до студентските домови, за да стане доминантен настан во Македонија, а студентскиот протестен марш слика за една посветла иднина. После почетниот молк, освен што владиниот предлог беше разобличен од старт од неколку луѓе (тука е и мојата маленкост), стана тема од која нема бегање и тема на која сите сакаат да фатат приклучок. Аргументираното незадоволство од екстерното тестирање прво се појави на социјалните мрежи, а потврда за проблемот даде самиот премиер откако се појави на две национални телевизии.

Прво за да ги информира самите новинари од телевизиите дека постои предлог за кој студентите протестирале, а потоа и граѓаните што мисли тој, односно што наумил. Го „избања“ омилениот вмровски министер од ДУИ и си даде свое објаснување, но и неколку закани, при тоа чудејќи се зошто некој протестира за нешто од иднината. Министерот, откако на почеток многу арогантно го бранеше предлогот, дури и зборуваше во име на ДУТ, сега е приморан да преговара со студентскиот пленум. Иако и тој, како и протестот не постоеше пред само една недела.

Владата упадна во жива кал и секојдневно дополнително тоне со секое свое ново образложение, но и со новите сознанија за актерите од овој владин панаѓур. За да биде искрена Владата со пристапот, потребно е ВЕДНАШ да ги објави: податоците за просекот на министрите со кои завршиле факултет и колку од нив, додека се на работните задачи платени од граѓаните, си магистрирале и докторирале, или како самиот министер за образование изработуваат докторат? Зошто? За да може да ја видиме причината за оваа не само неуставна, туку глупава владина мерка. Самиот премиер, најмногу критики упати на дипломи со многу десетки, демек кога бркал некој врски да положи за десетка се борел, а не за гола шестка. Но кога ќе го погледнеме просекот на министрите, јасна ќе биде искомплексираноста од ниските оценки и потпросечното знаење.

Од целиот панаѓур на владини изјави, може да се заклучи дека се работи исклучиво за мерка за прибирање на пари, чист бизнис и ништо повеќе. Квалитетот и знаењето не се тема, само кешот. Имено, според сознанијата што се достапни во јавноста, државниот испит ќе се полага неколку пати бесплатно, а потоа од 100 денари па до 200 евра. Значи, знаењето студентите ќе си го потврдат со 200 и кусур евра. И тоа тестирање ќе биде во државен испитен центар (чини народни пари) на компјутери (чинат народни пари), на некој софтвер (чини народни пари) под мониторинг од камера и софтвер (чинат народни пари) и одбор за акредитација од девет члена (чини народни пари).

Во одборот за акредитација ќе имало тројца претставници на Владата (2 ВМРО 1 ДУИ), тројца професори од Универзитетите (2 ВМРО 1 ДУИ), еден од приватните (Бојо) и двајца експерти (Каракамишева и Боцевски), на пример. И овој состав ќе подготвува испити за екстерно, пардон, државно или како и да е за: анатомија, програмски јазици, генетика, морфологија на јазикот, римско право и машински материјали. И не само што ќе ги подготвува, туку можеби и ќе ги прегледува. Бидејќи ова е невозможно, веројатно ќе се направат комисии по факултетите кои исто ќе чинат дополнителни народни пари за да подготват прашања од потесна област. И ако во првите две години имате 10 предмети ќе се изберат по 3-4 прашања од секој предмет и тоа ќе е гаранција за поседување знаење? Башка, се бара 6-ка. После четири години на факултет, иако некои траат три, ама тоа треба некој да им го каже на министерот и на премиерот, студентите ќе си полагаат еднаш, два, три, четири и колку и да треба пати, ќе си платат 200 евра и ако покажат знаење за 6-ка ќе ги победат оние „лошите“ со десетки и Македонија ќе се стори „ол рајт“. Како ова ќе донесе квалитет во образованието? Како? А бе има ли некој што мисли таму?

Јас знам дека министерот нема ден работен стаж во образованието, по негово тврдење бегал од часови (студирал осум години ама само пет бил поактивен и поефективен), и нема никакво право да ја манипулира јавноста за пример на држави дека има вакво нешто. Екстерната евалуација и само евалуација што постојат во Европа немаат никаква врска со овој предлог. Навистина не знам кај најдоа Англија да ја посочат за пример? Па, таму се полага како пред 100 години, верни на традицијата и резултатите од минатото.

Денес читам и дека државниот испит, екстерното по нашки, ќе важел и за приватните универзитети. И сега тие што имаат лиценца, ќе се јават во своите матични седишта од каде се основани и ќе треба да им објаснат во каква држава инвестирале нивните газди. Одеднаш, начинот на работа и оценување кое можеби е стогодишна традиција ќе мора да се промени заради одлука на Владата? Некои од нив можеби и ќе се повлечат. Тука се поставува и прашањето, дали некој после поминати две години и положени испити, ќе мора да чека да го положи државниот испит или ќе може да се запише во трета година? На приватните универзитети нема да ги запишуваат додека не положат? Не сум баш убеден. Или пак, некој ги полага сите испити и после завршната година почнува со државниот испит и со кој датум ќе му е дипломата? Може во меѓувреме да изработува завршен есеј или дипломски испит? Значи сѐ е во парите!

Овој потег не ги решава проблемите во образованието кои и не се само во екстерното, ова не носи квалитет, ова е удар врз автономијата на Универзитетот, но многу повеќе удар на семејниот буџет.

А во меѓувреме, тие неквалитетни знаења за кои што зборува премиерот се уфрлија во државниот апарат, поточно откако уфрлија ливче кое потоа го покажуваа на мобилен, некој ги уфрли во администрацијата. Но за нив нема екстерно тестирање, за нив важи тестот на партијата. За жал, таквото уфрлување на неквалитет доведе не само до губење на пари од европски фондови, исмејување по холовите на бриселските институции, туку и до неколку семејни трагедии за само неколку недели.

Затоа оваа провидна маска за некаква реформа е разобличена, маската за нов профит и бизнис во образованието е падната. Во Скопје 2014, студентите кажаа НЕ на екстерно 2017, на ред за изјаснување се нивните професори и родители. Време е!

Поврзани новости