На социјалната мрежа „Тик Ток“ се појави видео на кое се гледа како наставник во училница му удира шлаканици на ученик, го крева и го спушта на земја. Инцидентот се случил вчера во основното училиште „Панајот Гиновски“ во скопксата населба Бутел.
Според кажувањата на директорката на училиштето, Камуран Абдулах Реџа, наставникот е возрасен и предавал по англиски јазик, ученикот бил седмо одделение, а инцидентот се случил во прва смена. Директорката го пријавила случајот во МВР вчера и најавува дека, според процедурата, наставникот ќе оди на дисциплинска комисија.
Од министерството за внатрешни работи велат дека ја чекаат на писмено пријавата од директорката и потоа треба да стане појасно што точно се случувало во училиштето во Бутел. Идниот кандидат за градоначалник на Бутел, Дарко Костовски ги повика директорката на училиштето и МОН да преземат активности и покренат постапка за отказ на наставникот, а МВР и ЈО да отворат кривична постапка.
-Одговорност мора да има. На насилниците не им е местото во училиштата. Наставникот треба да образува и воспитува, а не да застрашува, малтретира и шиканира. Децата од училиште мора да излезат со знаење, а не со трауми. Стоп за насилството врз децата. Доколку институциите молчат јас како градоначалник веднаш по преземањето на функцијата ќе искористам се што е во моја законска надлежност овој случај да не остане неказнет, вели Костовски.