Објавен нон-пејпер за македонско-бугарскиот спор – за власта официјален е португалскиот предлог

by fokus

Бугарите да влезат во македонскиот Устав, прашањето за јазикот и употребата на краткото име „Северна Македонија“ да се решава според предлозите на претседавачите. Ова е само дел од нон-пејперот кој го објави ТВ Клан, а кој има за цел решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.

-1. На Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок. Со тоа Бугарија ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност .

2. Во Република Северна Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив.

a. Бугарите ќе се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници (прецизно – дел од бугарскиот народ),пишува во дел од објавениот нон-пејпер.

Од Кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски тврдат дека од Софија до Скопје не е доставен никаков документ и дека со месеци наназад не се водат никакви преговори.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, ставот на претседателот Пендаровски во однос на идентитетот и јазикот на македонскиот народ е јасен и непроменет, за тоа досега ниту се преговарало, ниту пак ќе се преговара во иднина.

Претходно, Владата соопшти дека за Северна Македонија официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија и оти тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни.

– Република Северна Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ, се додава во одговорот од Владата.
Нон-пејперот, кој беше објавен денеска од ТВ Клан содржи неколку точки како насоки за решавање на спорот. Според објавениот документ на Република Бугарија ќе и се дадат гаранции за зацврстување на сегашниот концепт на нација – држава, при што ќе и се признае историски контекст за бугарското потекло на нејзините граѓани без исклучок и со тоа Бугарија, како што се наведува, ќе се ослободи од траумата дека преку малцинските права ќе и се загрози долгорочната стабилност и безбедност.

Поврзани новости