Со реакција за кривичното гонење на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, се јави и Амбасадата на Обединетото Кралство, од каде што порача дека обвиненијата за Заев се многу сериозни и од основна важност е сите институции да ги почитуваат принципите на правото и притоа да се исполнат највисоките меѓународни стандарди.
„Обединетото Кралство ги прими со загриженост информациите за покренувањето обвиненија против Зоран Заев, лидер на опозицијата, и против три други лица. Овие обвиненија се многу сериозни, и Обединетото Кралство одблиску го следи развојот на настаните. Од основна важност е, како и во секој судски случај, сите институции во Македонија да ги почитуваат принципите на владеење на правото, вклучително и презумпцијата на невиност, и да ги исполнат највисоките меѓународни стандарди во процесот“, се вели во соопштението од Британска амбасадата.
Од амбасадата изразуваат и загриженост од влошувањето на политичкиот дијалог во земјата.
„Обединетото Кралство исто така изразува загриженост за влошувањето на политичкиот дијалог во земјата и ги повикува политичките партии да направат се што можат за да се подобри состојбата“, соопшти амбасадата.