Од официјалниот мејл на НСДП денеска беше испратено соопштение дека на крајот на вчерашната седница на Извршниот одбор, наводно Кристијан Трајковски, како потенцијален кандидат за претседател ја повлекол својата кандидатура и му честита на Горан Мисовски, единствениот кандидат за претседател на НСДП утврден од страна на Централниот одбор на партијата.
Кратко по лиферувањето на оваа соопштение, Трајковски демантираше дека се повлекол од трката и обвини дека се злоупотребува партискиот мејл.
-Информирањето на јавноста во мое име, од страна на други членови на НСДП го сметам за манипулативно, неетичко и крајно дискредитирачко и дезинформирачко. Од таа причина ги информирам медиумите и јавноста дека ваквата постапка ме поттикнува уште посилно да продолжам во мојата борба за слободна и демократска НСДП. На 4 јуни, на Петтиот Конгрес на партијата, согласно Статутот на партијата, ќе се самокандидирам за иден претседател на НСДП, а информациите за повлекување на мојата кандидатура се невистинити,– вели Трајковски.
Тој додава дека нема да дозволи да ја изневери довербата на членовите на НСДП, како и нивната искрена желба за демократски промени во партијата, повикувајќи ги сите делегати и членови на 4 јуни да постапат согласно сопственото убедување, волја и морал, со цел да се обезбеди вистински демократски конгрес, кој на крајот ќе ја обедини партијата.