Финансиска полиција поднесе кривични за продажбата на ниви во Делчево

by Фокус

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против седум лица за продажбата на парцели на ЕВН во Делчево за изградба на фотонапонски централи. Седумтемина, од кои двајца управители во ЕВН, биле роднински и пријателски поврзани.

Тие успеале да убедат сопственици на приватно земјиште во Делчево да им биде откупен имотот по одредена цена, но да се согласат во документите да стои дека го подаруваат.

Но, подарениот имот за неколку дена го продале на ЕВН за 1,5 милион евра.

„Првопријавениот и второприjaвениот во својство на управители на ЕВН-Електрани Македонија свесно и со однапред утврдена намера со изготвување на анализи на трошоци и добивки со лажни податоци, прикривајќи суштински факти, лажно презентирајќи несоодветни земјишта како да се соодветни за намената за која се купуваат поради фактот што одредени земјишта не ги исполнуваат условите за пренамена на земјоделско во градежно земјиште и одредени земјишта се во несоодветна категоризација на земјиште за намена за која се купуваат, презентирајќи пазарни цени кои не соодветствуваат со реалните пазарни цени на земјиштата за конкретната категоризација и класа на земјишта прикривајќи го фактот дека пријавените физички лица-продавачи се меѓусебно поврзани, го довеле во заблуда Управниот одбор на ЕВН да донесе одлука за склучување договори за купопродажба на недвижен имот за изградба на фотонапонски централи“, соопшти Управата.

Како што пишуваше Фокус, сомнителната препродажба на нивите во Делчевско, со вкупна површина од 150.000 квадратни метри, се случила на почетокот на октомври, или две недели пред првиот круг на локалните избори. Нивите биле купени од физички лица и платени од 20.000 до 30.000 евра, а потоа експресно биле препродадени на ЕВН Електрани за неверојатни 1,6 милион евра.

Според извори на „Фокус“, алармот за аферата се вклучил кога дошло на ред да се плати данокот. Па, така во општината во Делчево се фатиле за глава кога за имот, на кој пазарната цена му била 2-3 милиони денари, бил продаден за над 95 милиони денари.

Во аферата се вмешани висок службеник-вработен во ЕВН, син на поранешен градоначалник, како и близок соработник и пријател на политички лидер.

Поврзани новости