Ѓорге Иванов продолжува со својата апсурдна и нелогична игра на условување на доделувањето на мандатот за состав на Влада на Зоран Заев со некакви си гаранции за унитарниот карактер на државата, реагира НСДП.
Наместо да ја исполни својата јасно дефинирана уставна обврска, вели партијата на Тито Петковски, тој со своите политички ставови директно го поткопува уставниот поредок и ја негира јасно изразената волја на мнозинство граѓани. Оваа игра оди во прилог само на криминалците, а не на демкратијата и интересите на државата, додаваат од НСДП.
„Јавно обелоденетата владина програма, согласно која новата извршна власт ќе раководи со државата, а во која јасно е афирмирано дека на ниту еден начин нема да биде загрозен унитарниот карактер на државата, се покажа недоволна за да ги задоволи очекувањата и замислите на Иванов за тоа како се гарантира унитарниот карактер на држвата. Од таа позиција на нејасни и магливи политички ставови, очигледно доволно неинформиран за она што како Претседател треба да го знае, тој побара гаранции и од меѓународниот фактор, вклучително и од САД.
Дали има некој во кабинетот на Иванов кој може да го информира дека Република Македонија во 2008 година го има потпишано еден од најголемите и најзначајни документи во својата историја, и тоа – Деклрацијата за стратешко партнерство и соработка со Соединети Американски Држави-САД! Потпишана на 7 мај од страна на тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, а во која на јасен и недвосмислен начин се гарантира суверенитетот, територијалниот интегритет, унитарноста и мултиетничноста на Македонија.
„САД и Македонија ја потврдуваат својата поддршка на принципите на суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, на целите и принципите на Повелбата на ОН, и на унитарна и мултиетничка Македонија во своите постоечки гаранции“ – се вели помеѓу другото во Декларација, каде е потпишан неговиот, Антонио Милошоски.
Зарем, во очите на Иванов може да постои поголем и позначаен гарант на интегритетот на Македонија од страна на САД? Кои, според Иванов, се тие политички фактори кои можат да обезбедат посилни и поцврсти гаранции за иднината на Македонија?
Недоволната информираност на Иванов за стратешките партнерства на Македонија не може, ниту пак смее да биде пречка за отпочнатите демократски процеси во државата, туку напротив, тоа само дополнително зборува за неговите лични капацитети да раководи со државата“, се вели во партиското соопштение.