Новиот сопственик на „Алфа“ за „Фокус“: Mој интерес e телевизијата да продолжи да работи и ќе ja поддржам таа приказна

by fokus

„Фокус“ успеа да стапи во контакт со новиот сопственик на телевизија „Алфа“, бизнисменот Горан Балаќ од Србија. Тој е непознат за македонската јавност, која првпат слушна за него кога тој беше заведен како нов сопственик на телевизијата во Централниот регистер на Македонија, вест што ја објави „Призма“.

По пребарувањето на интернет на неговото име, успеавме да дознаеме дека тој е сопственик на Центар за куглање во Земун. Испративме мејл на адресата на Центарот, а вработените беа доволно љубезни да го проследат до нивниот сопственик, Горан Балаќ.

Балаќ за „Фокус“ потврди дека со купувањето на CHS Invest Group станал и мнозински сопственик на телевизија „Алфа“.

-Сметам дека тоа е добра инвестиција со оглед дека се работи за национална лиценца и исклучително квалитетен дигитален сигнал што оваа телевизија го поседува. Се разбира дека е во мој интерес „Алфа“ да продолжи да работи и ќе се обидам да ја поддржам таа приказна, вели Балаќ.

Балаќ ја купи CHS Invest Group од претходниот сопственик, Иво Јанковски. Тој пак, CHS Invest Group, фирмата која е мнозински сопственик на „Алфа“, ја купи од фирмата „ЦНС Медиа технолоџи“ од Белград, која се поврзуваше со српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.

Катерина Смилева

Поврзани новости