Новиот министер за финансии Кирил Миноски има 17 годишно работно искуство во областа на финансиите, управување со промени проектен менаџмент и човечки ресурси, а дополнително поседува 13 годишно искуство во работењето на една од водечките светски консултантски компании Буз Ален Хамилтон (Booz Allen Hamilton).
Овој факт го нагласуваат медиумите претставувајќи го Миноски нов челникот на ресорот финансии по повлекувањето на Зоран Ставрески од здравствени причини, а истото се пишуваше и кога го замени директорското место во Државниот пазарен инспекторат со она во Управата за јавни приходи, но на интернет може да се најдат податоци дека тој работел и во многу други организации и на многу други проекти.
Имено, тој бил консултант во Светска банка во периодот 2007-2008 година, каде своевремено работел и Ставревски, откако ја напуштил Народната банка и пред да дојде на вицепремиерското место во македонската влада по освојувањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски во 2006 година.
Многу порано, односно во периодот од 1997 до 1999 година, тој работел и како управител на одделението за извоз во Орка Холдинг, конпанија во сопственост на бизнисменот Орце Камчев, кој сам не ја крие блискоста со екс шефот на тајната полиција и прв братучед на премиерот Груевски – Сашо Мијалков.