Риши Сунак, првиот британски премиер кој има азиско потекло, го привлече вниманието на светската јавност не само поради тоа што има само 42 години и е најмладиот британски премиер, туку и поради тоа што само по седум години откако станал пратеник, успеал да дојде и до премиерската фотеља.
И неговиот приватен живот деновиве е под лупа на јавноста, посебно поради тоа што е оженет со Акшата Мурти (42), ќерката на најбогатиот Индијец, ИТ могулот Нарајана Мурти, кој е сопственик на компанијата Инфосис, со седиште во Бангалор.
Тој е познат како индијски Бил Гејтс, а пак богатството на новиот британски премиер Сунак заедно со богатството на неговата сопруга е проценето на 730 милиони фунти.
Тоа ги прави побогати и од починатата кралица Елизабета Втора, чие богатство според Листата на најбогати на Сандеј Тајмс за 2021 година било проценето на 460 милиони фунти.
Моментално најпопуларниот пар во Британија има две ќерки и е познат по раскошниот живот. Поседуваат четири големи имоти, помеѓу кои и куќа од седум милиони фунти во Кенсигтон, Лондон, вила во Јоркшир и стан во Санта Моника, Калифорнија.
Парот се запознал во 2005 година, за време на студии на Универзитетот Станфорд, а по четири години се венчале на раскошна церемонија во Индија, каде останале да живеат наредните четири години. Во 2013 година се преселиле во Британија.
Во интервју од пред три месеци за ,,Тајмс” Сунак раскажа како функционираат со сопругата. Кажа дека се многу слични, а истовремено и различни, но сепак постоела голема близина помеѓу нив.
-Јас сум неверојатно уреден, а таа е неуредна. Јас сум организиран, таа е спонтана. Нема да и се допадне ова кое го кажувам, но таа не е многу вешта во раскренување. Таа е тотален кошмар, насекаде облека и чевли. О, Боже, чевли- расположено раскажуваше.
Откри и дека никогаш не пиел алкохол, бидејќи не му се допаѓал вкусот, но за разлика од него, сите во неговото семејство, како и неговата сопруга, пиеле.
Во минатото таа се занимавала со мода, но не го запоставила ниту образованието. Дипломирала економија и француски јазик на универзитет во Калифорнија, а потоа студирала и на Фешн Институт во Лос Анџелес. Со Сунак се запознала кога заминала на мастер студии на Станфорд.
Моментално живеат во куќата во Кенсингтон, но наскоро ќе се преселеле во резиденцијата предвидена за премиерот и неговото семејство.
Риши Сунак е 57-от премиер на Британија, кој ја наследи функцијата од Лиз Трас.
Вики Клинчарова