Новинарскиот пленум попладнево во 18 часот во Клубот на новинари ќе одржи дискусија за состојбата, професионалниот интегритет и обврските на Македонската радио телевизија (МРТВ) како јавен сервис. На дискусијата е поканет и уредничкиот тим на МРТВ.
Нивното присуство не е сигурно, посочуваат од Новинарскиот пленум, оти нема повратен одговор за присуство. Покани и СМС пораки се испратени до главниот уредник Горан Петревски и неговите заменици Билјана Василева Трендафилова и Стојан Трпчевски. Единствен одговор Пленумот добил од новинарот Душко Арсовски, кој во одговорот посочил дека веќе два месеца не е дел од уредувачкиот тим.
– Потсетуваме дека МРТВ како радиодифузен сервис според законот е обврзан да биде независен од кој било државен орган или политичка партија и треба уредувачката политика да биде непристрасна кон нив. Законот за медиуми и Аудиовизуелни медиумски услуги, ги дефинира обврските на МРТ според кои таа е должна да обезбеди постојано, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање согласно професионалните стандарди и Етичкиот кодекс на новинарите, да не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија и програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ – се наведува во соопштението од Новинарскиот пленум.