Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изрази шокираност и згрозеност од денешниот дивјачки напад во редакцијата на францускиот сатиричен весник „Шарли Ебдо“ во кој загинаа дванаесет лица од кои десет се новинари.
„Овој масакр е доказ дека новинарите, слободната мисла и слободата на медиумите се под сериозна животна закана секаде во светот. ССНМ ја дели оцената на Европската федерација на новинари (ЕФН) која масакрот веќе го нарече варварски акт на насилство против новинарството и против слободата на медиумите. ЕФН утре во 11 часот во Меѓународниот прес-центар организира една минута молк во знак на почит за убиените новинари. ССНМ ги повикува македонските колеги да се придружат кон ова оддавање на почит каде и да се во моментот. Воедно изразуваме и сочувство до семејствата на убиените и до целата француска јавност.“- стои во соопштението на ССНМ.
Инаку Франција жали по 12-те мина ликвидирани од терористичка група, од кои двајца се полицајци, а другите новинари од весникот. меѓу кои и четоворицата карикатуристи кои го цртале последниот серијал со пророкот Мухамед.
Додека трае потрагата по терористичката група, која на видео снимки се гледа како со возило го напушта местото на злосторството, повеќе меѓународни организации нападот врз весникот го нарекоа терористички, но и удар врз слободата на говорот и мислата.