Новинарите ја напуштија прес-конференцијата на Токсикологија – директорката Бесија Иљази зборуваше само на албански јазик

Фото: СДК.мк

by Fokus

Економската директорка на Клиниката за токсикологија – Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а инсистира да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31.12.2023. Меѓу нив има и прекрасни лица, но има и лица кои немаат соодветно образование за тука.

Ова денеска го изјави д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката за токсикологија.

Д-р Беќаровски заедно со уште пет докторки од Стручниот колегиум на Клиниката реагираа на односот и отпорот на економската директорка Иљази, која е поставена на 14 февруари, и за која рекоа дека им е кажано оти е дипломиран економист, но немаат видено документи нити за образованието, нити за познавањето на јазици.

По прес-конференцијата на лекарите, Иљази ги повика новинарите во сала, а на прес-конференцијата таа зборуваше само на албански јазик.

Кога новинарка ја праша дали ќе се обрати на македонски, таа рече не, по што новинарите си заминаа.

Д-р Беќаровски говореше дека немаат притисок од неа, дека не ни може да има притисок кога нема комуникација, туку дека едноставно после секој состанок на стручните колегиуми, таа не ги почитува договорите.

„Последниот состанок беше пред две и пол недели. Таа не знае македонски, јас пробав да комуницирам на англиски јазик, и не знам дали ме разбра. Сите разговори ѝ ги преведува друго лице, кое е меѓу тие 18 лица за кои таа инсистира да се вработат“, рече д-р Беќаровски.

Тој уште на почетокот кажа дека сите лица присутни на прес-конференцијата се реномирани доктори со над 25 години стаж, дека не се активни членови на ниту една политичка партија и затоа одбиваат да бидат вклучени во какви било политички конотации.

Поврзани новости