Откако претседателката на „Транспаренси интернешанл“, Слаѓана Тасева, објави дека вицепремиерот, Кочо Анѓушев, и се заканувал поради обвинувањата за негова наводна вмешаност во продажбата на „Фени индустри“, се јави и новинарот Владимир Тевчев од ТВ24 кој вели дека доживеал слично однесување од вицепремиерот. Според Тевчев, на пуштањето во употреба на автоматот Демир Капија-Смоквица, Анѓушев го викнал на страна и го искарал за неговите прилози за комбинатот.
-Немав до тогаш комуницирано со него, ми беше прв разговор. Ме викна на страна да ми каже дека сум го растурил и дека ние како велешани треба да се штитиме. Замислете ја сцената – вицепремиер на среде автопат демонстрира сила и моќ над новинар! „Па кој тебе ти дозволи да снимаш изјава со Бугарката“, ми рече, на што му одговорив дека не треба од него да барам дозвола кого да снимам. Јас направив интервју со сите засегнати страни во „Фени“, отидов најдалеку, Анѓушев ниту беше нападнат во моите текстови, ниту одбранет, туку секоја изјава му беше пренесувана. Ние како новинари имаме порив да ја истражуваме приказната зад приказната и тоа никој не може да ни го одземе. Несоодветна реакција од вицепремиерот, најмногу ми е жал што 11 години се боревме против ваквиот однос на политичарите кон новинарите, а сега истото тоа продолжува – вели Тевчев за „Фокус“.