Нова студиска програма од втор циклус специјалистички стручни студии „Безбедност и квалитет на храната“ акредитираше Одборот за акредитација на високото образование на Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје. Овие студии се наменети за едукација на сите оние кои сакаат да се вклучат во синџирот на управување со храната со цел обезбедување на квалитетот и безбедноста на храната, посочуваат од Факултетот.
– Како институција што создава кадар кој е одговорен за ветеринарното јавно здравство, ние имаме за цел да го обезбедиме концептот на т.н. „Едно здравје“, односно преку грижа за животните да се грижиме за здравјето на луѓето. Со акредитацијата на оваа студиска програма „Специјалист по безбедност и квалитет на храна“, ние остваруваме нова димензија на нашата цел, и убедени сме дека нашата институција ќе обучи навистина квалитетен кадар кој ќе се грижи за безбедноста и квалитетот на храната од животинско потекло, истакнува деканот проф. д-р Лазо Пендовски од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје.
По завршувањето на специјалистичките стручни студии, студентите ќе се стекнат со специјалистички стручен назив “Специјалист по безбедност и квалитет на храна” (Specialist of food safety and quality). Во доменот на оваа струка специјалистите ќе се грижат за безбедноста и квалитетот на храната, ќе учествуваат во планирање и креирање на политиките и програмите од областа на безбедноста и квалитетот на храната а ќе изготвуваат и прописи од областа на ветеринарното јавно здравство. Примената на нови технологии и сè поголемиот број на додатоци во производството на храна со цел продолжување на нејзиниот рок на употреба и разновидноста, бара сериозни анализи за проценка на безбедноста на храната, оваа програма цели да обучи кадар кој ќе може да спроведе квалитетна анализа и проценка.
Наставната програма ќе ги обучи студентите да извршуваат мониторинг на антимикробна отпорност, како и резидуи и недозволени супстанци кај храна, производи и суровини од животинско потекло, хемиски анализи на храната, како и да спроведуваат постапки за производство, обработка и манипулација со храна и утврдување на исполнетоста на барањата за безбедност о квалитет на храната и ветеринарното здравство за операторите со храна.
Овие студии се од подрачјето на Биотехничките науки, поле на Ветеринарна медицина, а право за запишување на овој тип на студии ќе имаат дипломираните студенти од областите на од областите на ветеринарната медицина, земјоделските науки, природните науки, медицински науки и сл.