Три нови случаи со мали сипаници (морбили) се регистрирани вчера во Скопје. Станува збор за дете на возраст од една и пол година од населбата Чаир, како и за 10-месечно дете и петгодишно дете од Центар, кои не биле вакцинирани.
Со овие три нови случаи, како што посочуваат, од декември, досега, во Скопје се регистрирани 69 заболени од мали сипаници.
– Во моментов 24 пациенти со морбили се сместени на Клиниката за инфективни болести. Крај на епидемијата ќе се прогласи тогаш кога нема да има ниту еден заболен во период од четири недели. Од почетокот на епидемијата на морбили во декември и од почетокот на забраната за примање деца во градинка кои не се вакцинирани со МРП вакцина, досега, се вакцинирани повеќе од 3.400 деца, истакнуваат од Министерството за здравство.