Нови детали за масакарот во Цетиње: Сосед му пресудил на убиецот

by Фокус

Началникот на црногорската полиција Зоран Брѓанин предмалку потврди дека денеска во Цетиње се убиени 11 лица, меѓу кои и две деца, а откри и нови детали од крвавиот поход на 34-годишниот Вук Бориловиќ.

-Денес е трагичен ден не само за Цетиње, туку и за цела Црна Гора. Човечките животи се највредни и незаменливи, а денес изгубивме 11 мажи и жени, меѓу кои и две деца. Сочувствувам со семејствата на загинатите и од мое лично име и во име на Полициската управа им упатувам најдлабоко сочувство и бидејќи во моментот на овој настан не бев во Подгорица, вечерва ќе заминам за Цетиње. Исто така, се надевам дека повредените брзо и успешно ќе закрепнат – рече тој.

Шефот на црногорската полиција ги откри првите официјални информации со кои располага. Тој рече дека убиените деца се на возраст од осум и 11 години.

-Според засега познатите околности, денеска околу 15 часот и 30 минути, триесет и четиригодишниот цетињанец В.Б., пукал во семејство, чии членови престојувале во стан во неговата куќа како потстанари во населбата Медовина.. о таа прилика, со употреба на огнено оружје – ловечка пушка, им ги одзел животите на две деца од кои едното на возраст од осум, а другото единаесет и ја ранил нивната мајка, која им подлегнала на повредите во медицинска установа. Потоа излегол надвор и со истото огнено оружје ги застрелал жителите на оваа населба, при што загинаа уште седум лица, а шестмина беа повредени – рече Брѓанин.

По барање на граѓаните, додаде тој, на местото на инцидентот се испратени полициски службеници, при што во размената на оган еден полицаец е тешко повреден. Засега, според него, не е јасно што го натерало В.Б. да направи ваков грозоморен чин, во кој и самиот го загуби животот. Брѓанин вели дека се уште се утврдуваат околностите на целиот настан, вклучително и одземањето на животот на Бориловиќ.

-Сакам да изразам надеж дека никогаш повеќе нема да бидеме сведоци на ваква трагедија во Црна Гора. Верувам дека сите ја почитуваме болката на семејството и им благодарам на медиумите за коректниот однос во известувањето досега и апелирам да продолжиме да известуваме со максимална претпазливост – заклучи тој.

Црногорските медиуми , повикувајќи се на очевидци велат дека сосед го застрелал Бориловиќ, кој загинал на самото место, а не полицијата. Пред да го почне крвавиот поход низ населбата, монструмот ги убил децата и тешко ја ранил жената на потстанарот, а потоа му се јавил на телефон и му кажал дека ги убил.

Поврзани новости