Цените на нафтата забележаа најголем пад во последните седум недели, бидејќи инвеститорите го напуштија пазарот поради тоа што мутираниот ковид-19 вирус откриен во Велика Британија се заканува да доведе до уште поголемо затворање на границите низ цела Европа.
Договорите за тргување со нафтата „Брент“ од Северното Море паднаа под 50 долари за барел, што е пад за околу 6 проценти во еден момент од тргувањето, објави Блумберг.
Повеќе од 16 милиони Британци сега се принудени да останат дома откако стапи на сила целосниот карантин во Лондон и југоистокот на Англија. Во исто време, некои европски земји го прекинаа сообраќајот со Велика Британија, а Франција го запре товарниот превоз до Англија за 48 часа.
Ова ги подгреа стравувањата дека може да се воведе нов бран на ограничувања на движењето низ целиот регион, што ќе има негативно влијание врз закрепнувањето на глобалната потрошувачка на нафтата.
Цената на „Брент“ за испорака во февруари падна за 4,9 проценти, на 49,68 долари за барел при тргување во Лондон, откако во петокот беше затворена во плус 1,5 процент.
Обемот на тргување со „Брент“, кој се смета за глобална референца на пазарот на нафта, беше на дневна основа повеќе од двојно поголем од просекот за овој период од годината во последните 10 дена.
Американската сурова нафта ВТИ за испорака во јануари падна за 5,1 процент на 46,59 долари за барел.
-ОПЕК плус побрзо ќе реагира на промените и ќе преземе попрагматичен пристап кон развојот на нафтениот пазар, благодарение на забрзувањето на распоредот на неговите месечни состаноци, објавија Русија и Саудиска Арабија за време на викендот.
Групацијата на 4 јануари ќе разгледа дали, во сегашни услови на пазарот, треба да го зголеми производството за 500 000 барели дневно, како што беше претходно најавено, според агенцијата њујоршката агенција.