Нова доктрина и нови луѓе, најавува ВМРО по Конгресот

Неофицијално, од партијата велат дека нема да почитуваат договор со Бугаријa кој е надвор од Резолуцијата донесена во македонското собрание.

by fokus

Нова доктрина и нови луѓе во сите партиски тела, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ по Конгресот на партијата што треба да се одржи во недела. Спојот на доктрината е онаа од самото основање на партијата со потребите на новото време, брифираат од партијата.

Во доктрината ќе стои: „Основна цел е дека може да се живее добро во Македонија. Секој обид за билатерална и мултилатерална дискусија за македонскиот идентитет и народ по автомататизам води до проблематизирање на македонската посебност. Ќе има дел за заштитата на слободата на говор и за борбата за искоренување на корупција и криминал“.

Неофицијално, од партијата велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува договор со Бугарија кој е надвор од Резолуцијата донесена во македонското собрание. Според нив, спорот со Бугарија не е спор, туку уценување од страна на Бугарија и нивна злоупотреба на членството во ЕУ.

Досега, во партијата е поднесена само една кандидатура за претседател, на актуелниот претседател, Христијан Мицкоски, но велат дека сепак рокот е до самиот Конгрес, до сабота вечер. Регистрацијата на делегати и гости на Конгресот којшто ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“ е од 10 часот.

Генералниот секретар на партијата, Ѓорѓи Сајковски, во 12 часот ќе го отвори работниот дел од Конгресот којшто ќе биде отворен за јавноста и медиумите. Претседавач на работното тело ќе биде потпретседателот, Александар Николоски.

По отворениот дел, ќе продолжи затворен дел на кој ќе присуствуваат само делегати. Поради ковид-пандемијата ќе се проверува вакцинален сертификат или негативен тест на сите присутни. Во 17:45 ќе има обраќање избраниот претседател.

Свое обраќање ќе има и Мицкоски кој во своето излагање ќе најави нови политики и стратегија и ќе најави сериозни кадровски освежувања, кои ќе почнат веднаш по Конгресот, односно ќе има нови луѓе кои ќе ги промовираат новите политики.

К.С.Б.

Поврзани новости