Нов статут на ВМРО: Мицкоски ќе биде партиски лидер најмногу 3 мандати, Груевски веќе не е почесен претседател

by Фокус

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната седница го овласти партискиот лидер Христијан Мицкоски да преговара за формирање на парламентарно мнозинство и за составување на влада, информираа од партијата по завршувањето на седницата.

Покрај тоа, на истата седница ДПМНЕ донесе одлука за измена на партискиот статут во насока на, како што велат од таму, демократизација во функционирање на партијата и пренесување на надлежности кон членството и комитетите, согласно искуствата на модерните десничарски партии.

Меѓу новините во партискиот статут, како што истакнаа од партијата, се непосреден избор во општинските комитети и кандидати за јавни функционери, како градоначалници и слично.

Потоа, новиот партиски статут предвидува и ограничување на правото на реизбор на партискиот лидер и други партиски функционери на 3 мандати, со тоа што, посочуваат од опозициската партија, за третиот мандат треба да одлучи надлежен орган со двотретинско мнозинство.

Во случајот на партискиот лидер, тоа би бил партискиот конгрес, чие вонредно свикување нема да биде како досега по барање на две третини од членовите на конгресот, туку ќе може и со барање на половина од членовите.

Исто така, статутарните измени предвидуваат формирање на Унија на ветерани и Совет на интелектуалци, рамномерна застапеност на жени и млади во структурите на партијата, но статутот не предвидува категорија почесен претседател, што значи дека Никола Груевски повеќе нема да биде почесен претседател на партијата.

-Мицкоски е прв партиски лидер на Балканот што си го ограничува својот мандат по примерот на австриската народна партија – истакнаа од партијата по завршувањето на партискиот Централен комитет.

Поврзани новости