Кавадаречкиот музичар Мики, кој е познат на естрадата како Мики Тра Ла Ла, деновиве сними дует со својата сопруга Тања. За ,,Фокус” вели дека по поминати 20 години на сцената, решил да оформи музичко дуо со сопругата, а целта им била да се вложува во квалитетна македонска музика.
Вели дека на нашата музичка сцена им фали дуо од рангот на Селимова – Желчевски, или пак Есма и Стево, и со сопругата веќе започнале со работа на првиот заеднички албум.
-Цели две децении сум присутен на сцената, имам многу настапи во локали низ земјава, а од пред две години и мојата сопруга Тања започна професионално да се занимава со музика. Го оформивме дуото Тања и Мики Тра Ла Ла, и периодов сме постојано работно ангажирани. Настапуваме во ресторани во сите градови во Македонија, имаме настапи и во соседството, а веќе го претставивме дуото и во музички ТВ емисии. Заедно со нас често настапува и колегата Дејан Димоски Бенката, а пред некој ден ја промовиравме првата песна од претстојниот албум. Нумерата е во забавен ритам, насловена е ,,Плетенка” и зад неа стои тим на докажани професионалци – Борче Нечевски, Горјан Стојановски, Цане Петров. Маестро Фазли Сејфулов прекрасно ја отсвири музиката на песната, во музичкото студио Димитриев се долови финалниот производ за кој веруваме дека ќе биде освежување за публиката. Решени сме да вложиме во музиката и до крајот на годината веруваме дека ќе го промовираме и првиот албум на дуото – вели Мики.
Додава дека од она кое имал можност да го следи откако е дел од нашата фолк естрада, забележливо е што веќе со години наназад најмногу се вложувало во изгледот, со провокативен изглед и настапи се правеле обиди да се привлече публиката. Сметал дека пејачките многу повеќе вложувале во еротика, отколку во квалитетна музика.
-Секако дека пејачките треба да изгледаат привлечно, но веќе се претера! Повеќе се вложува во изгледот отколку во музиката. Не треба да имаме музика за гледање, туку првенствено за слушање, да се врати популарноста на добрата македонска фолк музика. Затоа со Тања, поддржани од големи и докажани професионалци во компонирањето на фолк музиката, ќе се обидеме на народот да му понудиме квалитетни песни кои ќе траат. Пораката на нашето дуо е да се вложува во музика, а не во еротика, да се врати сјајот на добрата македонска народна песна- ни изјави кавадарчанецот.
Вики Клинчарова