Нобеловката Бушамауи: Преспанскиот договор е единствената добра вест од Европа

by fokus

Договорот од Преспа е единствената добра вест од Европа годинава и ја покажува волјата на двете страни да направат отстапки со цел да се најде решение и да се стави крај на овој долгогодишен конфликт. Сметам дека ќе биде модел за регионот и пример за светот дека дијалогот е можен. Затоа сум тука да го поддржам овој мирен начин на изнаоѓање на решенија, истакнува меѓу другото во интервју за МИА добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.

Бушамауи вчера заедно со грчкиот европратеник Стелиос Колуглу ја објави номинацијата на Зоран Заев и Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир во 2019 година. Двајцата од Скопје заминуваат за Атина за и таму да ја претстават номинацијата.

Како вашата иницијатива е важна за Договорот од Преспа?

– За мене како добитник на Нобеловата награда за мир, заедно со колегите од Туниската четворка за национален дијалог, ја добивме идејата да се справиме со проблемите преку дијалог, да избегнеме конфликт и најдеме решенија. За нас дијалогот претставуваше единствениот начин. Сметам дека тоа што е постигнато тука во Македонија и Грција е исто, претставува дијалог меѓу политичари и влади со цел да се избегнат конфликти и проблеми. Затоа сум тука да го поддржам овој мирен начин на изнаоѓање на решенија, изјави Бушамауи.

Нели сметате дека иницијативата е прерана, со оглед дека Договорот се уште чека да биде ратификуван од парламентите на двете држави?

– Јас сум сигурна дека тоа ќе биде направено, бидејќи се сретнавме со пратениците, претседателот на Собранието на Република Македонија и многу други луѓе, кои се согласни и ја поддржуваат оваа иницијатива. Сметам дека ќе биде модел за регионот и пример дека дијалогот е можен.

Зошто сте сигурни дека иницијативата ќе ја добие потребната поддршка?

– Земете го Тунис како пример. Преку тунискиот дијалог успеавме да спроведеме демократија, слободни медиуми, да имаме слобода на говор и донесеме устав во Тунис. Ние успеавме во тоа и тука луѓето, исто така, долго чекаат на решение. Проблемот е присутен премногу долго време во регионот и веќе е доволно. Ја имате волјата на политичарите, ја имате поддршката на луѓето. Ова е можност за Македонија да биде членка на Европската унија и НАТО.

Според Вас, кој е клучниот дел од Преспанскиот договор што го издвојува од другите договори и го прави претендент за Нобелова награда за мир?

– Видете, имаме само тажни вести, а особено од Европа. Според тоа што го гледаме и се случува годинава, Договорот е единствената добра вест од Европа. Како второ, Договорот е многу важен бидејќи покажува волја од двете страни и секоја направи некои отстапки со цел да се најде решение и да се стави крај на овој долгогодишен конфликт.

Иницијативата е на самиот почеток и има цела година пред Вас. Кои се следните чекори?

– Очекувам двата парламента да го ратификуваат Договорот што е можно побрзо и потоа ќе следи медиумска офанзива за поддршка на оваа иницијатива. Ќе имам средба со премиерот Зоран Заев и заминувам за Атина, каде ќе се сретнам со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Како ве промени добивањето на Нобеловата награда за мир?

– Така многу. Сега сум попозната и за мене претставува можност да зборувам за мојата држава, за жените во Тунис и разменувам идеи и искуства со други луѓе. Дијалогот е моја лична мисија и верувам дека е најдобриот начин.

Поврзани новости