Ниту на една терапија не реагираше, велат од тетовската болница за починатото момче

by fokus

Момчето од Тетово (21), кое е помеѓу шестмината починати пациенти во тетовската болница во изминативе 24 часа, немало историја на болести, во телефонски разговор за ,,Фокус” открива Газим Нуредини, координатор во Ковид центарот.

Вели дека тоа било хоспитализирано пред десет дена, а уште при приемот било во тешка состојба.

-Уште кога го донесоа, момчето беше во тешка здравствена состојба. Нема историја на болести, значи според информациите со кои располагаме, немало хронични болести. Во нашиот Ковид центар секојдневно доаѓаат и лекари од Скопје, беше под постојан надзор. Непредвидлива е болеста, се обидовме со разни терапии, но ништо не помагаше, пациентот не реагираше на лекарствата и состојбата одеше на полошо- вели Нуредини.

Додава дека момчето не било вакцинирано.
Од 123 хоспитализирани лица во тетовската болница, само осум примиле една доза на вакцина, а седум биле вакцинирани со две дози.

Во Тетово вчера беа регистирирани 177 нови случаи на вирусот. Моментално се активни 1.911 случаи, а од почетокот на пандемијата заболеа 9.671 лице.

Вики Клинчарова

Поврзани новости