Популарниот фолк музичар Ефто Пупиноски ја информира јавноста дека нема да настапи на прославата по повод Денот на независноста на Македонија, која ќе се одржи утре во Пеленица, Кисела Вода.
Тој веста ја објави на својот официјален профил, потенцирајќи дека нема да биде ничија замена, бидејќи бил толку оригинален, што бил незаменлив.
Името на Пупиноски како музички гостин на настанот денес беше објавено на рекламниот плакат, и тој дојде на местото на неговиот колега Јордан Митев, кој вчера го откажа гостувањето, бидејќи се работело за партиски настан (организатор е Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода).
Околу тоа која е причината поради која Ефто нема да настапи во Пеленица, ,,Фокус” се обиде да стапи во контакт со него, но не добивме одговор на нашите пораки и повици.
Откажани се настапите и на Адријана Кеш, Татјана и Новица Василевски, Мерак Меана…
И покрај тоа, на страницата на СДСМ Кисела Вода се уште стои рекламата на која се наведени имињата на Ефто и Татјана и Новица. Покрај нив ќе настапат Сузана Гавазова, Сања Барби, Благоја Грујовски, диџеј Фичо и Виолета Пандовска.
Како што е најавено, на настанот ќе има традиционална македонска храна, музика и заедничка дружба, а свое обраќање ќе имал и премиерот Димитар Ковачевски.
Вики Клинчарова