Вчера започна донаторската акција за помош на семејствата на осудените за нападот во Собранието, кои ја отслужуваат затворската казна. Истата е организирана од Боби Темелков, велешанец кој живее во Канада и е претседател на Светски Македонски Конгрес – Канада.
Донирањето се одвива по електронски пат, а Темелков ја повика нашата дијаспора да се вклучи масовно, со цел да се соберат 35.000 долари, кои потоа ќе им биле поделени на семејствата.
Според него, осудените веќе четири години биле одделени од нивните семејства, и повикува да не се дозволи да се борат со сиромаштија, посебно за време на новогодишните празници.
По завршувањето на локалните избори годинава, тој пак јавно упати апел до сите новоизбрани градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, лично да се вклучат во акцијата и до Нова година да соберат 20.000 евра.
-Македонци од светот до Нова година ќе соберат најмалку 20.000 евра за фамилиите на уставобранителите, или сам ќе ги исплатам! Ги поканувам сите новоизбрани градоначалници и општини од опозицијата, кои убедливо победија на овие локални избори, да соберат уште толку колку што ние од дијаспората ќе собереме, и ќе ги подариме на семејствата на уставобранителите! – апелираше Темелков.
Од она кое може да се види на страницата за донации, се уште нема донирано ниту еден градоначалник.
Досега донирале 19 лица, и се собрани 1.617 долари. Акцијата е предвидено до трае до пред празниците, и ова е трета година по ред како се организира во дијаспората.
Вики Клинчарова