412
Судењето за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година се одложува за 20 декември, кога ќе треба да бидат изведени дополнителни докази предложени од одбраната на обвинетите.
Дополнителни докази има одбраната на обвинетите Крсто Мукоски, Митко Чавков, Душко Лазаров, Мунир Пепиќ, Игор Југ и Александар Василевски Нинџа.
Околу стотина аудио разговори и фотографии предложени од Нинџа ќе бидат изведени доколку бидат доставени од обвинителството, додека изведувањето на доказите од Чавков, Лазаров и Пепиќ зависи од тоа дали ќе бидат декласифицирани.
Обвинетиот Александар Василевски Нинџа, кажа дека дополнителните докази, меѓу кои 100-тина аудио разговори и фотографии, се за поткрепа на неговиот исказ пред ЈО.
– Барам обвинителството да ги достави до судот и да дозволи да бидат изведени без присуство на јавноста, изјави обвинетиот Василевски.
За доказите од МВР, предложени од Митко Чавков и Душко Лазаров, судот информира дека ќе бидат дополнително изведени, откако ќе бидат декласифицирани.
Судијката Кацарска кажа дека доказот предложен од одбраната на Мунир Пепиќ најверојатно нема да биде декласифициран од УБК, но се уште чека писмен одговор.
Обвинителството побара судот да не ги прифати дополнителните докази предложени од одбраната на Владо Јовановски и Влатко Трајковски, за што судот кажа дека дополнително ќе се произнесе.
Одбраната на Мукоски предложи да се изведат стенографски белешки од неколкуте продолженија на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија од април минатата година.